Во 2002 година кога вие и вашата партија дојдовте на власт тогашниот Медицински Центар го затековте со 26.000.000 денари долг. За 4 години до 2006 год. успеавте со вашите директори и нивно „ успешно“ работење долгот да го зголемите скоро 6 пати, и да достигне бројка од 144.000.000 денари или 2.000.000 евра, а вашиот министер замина на „одмор„ во Турција кој трае скоро 6 години.
Со поделбата на Медицинскиот Центар во 2005 година на два правни субјекти Општа болница и Здравствен дом долгот кој припадна на Здравствениот Дом во 2006 година кога јас дојдов за директор изнесуваше 47.000.000 ден. До 2008 година јас со залагање на моите 220 вработени успеавме да го вратиме долгот наследен од вашите директори, и одтогаш до денешен ден Здравствениот Дом не само што работи без долгови туку направи и голем број инвестиции.
Во возниот парк на Здравствениот Дом, кој го оставивте во катастрофална состојба набавени се 8 возила: 2 Лади Нива, 2 лежечки санитетски возила (Џампер и Шкода) и 4 патнички возила.
Извршено е комплетно реновирање на лабораторијата, на Итната медицинска помош и повеќе градежни зафати во објектите.
За нашата лабораторија која исто ја оставивте во катастрофална сотојба во поглед на лабораториска апаратура купени се: 3 биохемиски анализатори за крв,
крвни бројачи, апарат за хормонален статус за сите женски хормони, машки хормон, хормони на штитната жлезда, општ тумор маркер, тумор маркери за дојка, дебело црево, центрифуги и дестилатори.
За потребите на Трудова медицина набавени се :аудиометар за испитување на слух, оторајтер за испитување на видот, спирометар за испитување на белодробните капацитети и Ехо доплер за испитување на циркулација на крвта .
Сето ова ни овозможува да работиме како добро опремен Здравствен Дом со крајна цел за подобра, побрза и поквалитетна здравствена заштита на граѓаните на Општина Куманово. Сето ова е видливо, граѓаните ги гледаат нашите нови возила, ја користат нашата лабораторија и сите други услуги кои ги пружаме и забележуваат огромна разлика, како е сега и како беше кога вие бевте на власт.Сето ова е остварено со крајно транспарентно и домаќинско работење и залагање од моја страна како директор од ВМРО ДПМНЕ и од страна на моите вработени, ништо не однесовме дома, а јас не заминав на одмор во Турција.
Што се однесува до матичните доктори и ноќната амбуланта неблагодарно е да ги користите за ситни еднодневни политички поени. И тука немате вистински информации. Граѓаните паметат дека матичните доктори работеа во две нивни амбуланти и тоа го направија меѓу првите во Република Македонија, потоа поминаа во ординација во приземјето на Здравствениот Дом. Таа ординација е сеуште слободна и уште една ординација во амбулатата „Перо Чичо„. На состанокот одржан во јануари 2011 година со матичните доктори во просториите на подрачната единица на ФЗОМ на нивно барање да се биде поблизу до болничките одделенија и соработка со докторите од Итна медицинска помош се договоривме да оспособиме ординација во состав на Итната медицинска помош што е и направено, со напомена дека ако е потребно можат да користат и дел од ординацијата на Итна медицинска помош.
Немојте да ги користите матичните доктори за да ја критикувате власта по секоја цена, тие се доволно образовани и паметни и знаат дека припаѓаат на здравствениот систем на Република Македонија. Финасискиот проблем што го имаат се решава како што гледаме и слушаме деновиве на медиумите од изјавите на надлежните во ФЗОМ и Министерство за здравство. За каква голгота на граѓаните на Куманово зборувате, матичните доктори не прекинаа ниту еден ден со работа и не допринесоа со ништо за таа таканаречена од вас голгота.
Сето ова се факти поткрепени со она што можат да го видат граѓаните на Куманово.
На крајот би ви дал еден совет- погрижете се ден поскоро да најдете игла и конец со кој ќе се обидете да го сошите расцепот во вашата партија, која деновиве ја тресат финсиски скандали во Телеком од времето кога вие бевте на власт.
Директор на Здравствен дом, Куманово
Миомир Панковски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*