Поттикнат и трогнат од повеќегодишните политичко – економски случувања во оваа наша земја, почнувајќи од свесно создадениот хаос во правниот систем, па преку комплетното уништување на здравството и образованието, како основа на секоја личност (за нормален опстанок во еден модерен и уреден општествен систем) и сето тоа крунисано со помпезната „глупост„ наречена „Скопје 2014„. Токму овие небулозни случувања Република Македонија ја вовлекоа во таканаречена финансиска криза. Секако не треба да се изостави и искрено да се изрази благодарност до „парламентарната машина„ што некој ден ќе мора како морално така и правно да одговара за направеното. Дали нашиот г-дин премиер се запрашал „А што потоа?„
Видете почитувани, можеби не сум компетентен да говорам за историјата, географијата, физиката... но сосема одговорно и со сигурност можам да говорам за економијата. По светската финансиска криза, која несомнено ја потфати и Македонија (по се изгледа за нас природна состојба), следува една уште полоша состојба, која е наречена економска криза која самата по себе повлекува низа проблеми па дури во крајна линија и социјални немири.
Само ќе истакнам неколку елементи од направеното истражување на терен, особено во областа на приватниот сектор како на територија на Куманово така и на националното ниво. Еден од основните елементи за кризата односно, факт е дека повеќе од 40 проценти од претпријатија „мака мачат„ со ликвидноста. Исто така, стопанствениците укажуваат на прекумерната харачка политика (цицање на сржта) на Управата за јавни приходи и тоа особено во опозициски градови како што се Куманово, Струмица и др. А кога станува збор за невработеноста таа само за потсетување изнесува околу 38 проценти. Финансиските задолжувања од страна на Владата продолжуваат и тоа со забрзано темпо.
И конечно почитувани мои сограѓани, во овој момент од исклучително значење е да проработи свеста кај сите нас и итно да го прекинеме овој крајно неодговорен, пронароден, непрофесионален, криминален, корумпиран... владетелски систем.
Немој да мислите дека ако дојде до економска криза ќе не спасат спомениците или пак, странските инвеститори (платените туристи). Затоа почитувани, кренете го Вашиот глас, бидејќи ние граѓаните ги поставуваме и менуваме политичарите, тие треба да бидат во функција на граѓаните а не граѓаните робови на небулозната и криминалната идеологија на г-дин Груевски.
Професор по менаџмент на Меѓународниот славјански институт во Свети Николе
Д-р. Никола Стојковски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*