Куманово за првпат оваа сезона има екипи кои ќе се натпреваруваат во сите кошаркарски лиги во Македонија(прва, втора и трета) и со тоа се создаваат услови вистински да се промовира како кошаркарски град. Како што е познато во елитната Прва лига ќе игра тимот на „Куманово 2009“, во втората лига учество ќе земе реформираниот „КСК 2013“, кој ќе го завземе местото на минатогодишниот кумановски претставник Пинк Пантери, додека во Трета лига ќе настапува тимот на поранешниот играч на Партизан Игор Михајловски, чиј тим ќе го носи неговото презиме. Овие достигнувања ја израдуваа публиката дека конечно ќе има можност да ужива во спортските успеси на своите сограѓани кои добија шанса да покажат што знаат. Но дека очекувањата на трибините и реализацијата на паркетот не одат заедно покажа „пријателскиот“ натпревар помеѓу „КК Михајловски“ и „КСК 2013“.
Младата екипа на Михајловски сакаше да се докаже, додека поранештните и сегашните играчи на КСК бараа поголем респект. Натпреварот беше обележан со прекини и расправии, се бараа фаули кога ги имаше и кога ги немаше, па главно валкани потези и ниски удари беа дел од спектаклот во Спортската сала. Натпревар во кој требаше да видиме надигрување на двата противника без резултатски императив, стана тежок натпревар каде резултатот беше на прво место. При резултат 70:70, поради инцидент на теренот натпреварот беше прекинат.
По овааа неславна „пријателска“ игра воопшто не е битно кој е виновен, кој прв почнал, кој жестоко реагирал, кој кого удрил.... Останува само заклучокот дека е среќа што овие два тима нема да играат еден против друг (бидејки требаше) во натпревар кој носи бодови во рамките на Трета лига. Можам само да претпоставам што ќе се случуваше тогаш.
Ако се навратиме наназад ќе се сетиме дека овој однос на тимовите и играчите е оној кој го остави Куманово 5-6 сезони без кошарка во сениорските конкуренции. Иако локалната кошаркарска конкуренција е здрава, таа е истовремено и опасна доколку излезе од контрола. Желбата за победа треба да е мотив на секој играч, но не по секоја цена и без елемантарна спортска култура. Победникот на овој натпревар, немаше да смени ништо во позицијата што веќе ја има, но на 2 недели пред почетокот на сезоната имаше одлична можност да види докаде е пред дебито во кошаркарските првенства. Дали некој имаше корист од овој „пријателски“ натпревар, само тренерите знаат.
Ако треба да се извлече поука од овој натпревар, тогаш би било добро жестината во играта да ги држи двата тима во новата сезона. Би било одлично кога натпреварите во Куманово нема да бидат дел од дневниот билтен на МВР. Раководствата на младинските тимови кои ја имаат и најголема одговорност за сите случувања, треба да ги научат своите членови пред се да бидат спортисти, а потоа да постапуваат по рецептот. Истото би требало да важи и за сениорите.
Само со добра и професионална соработка помеѓу клубовите, кошарката во овој град ќе оди напред. Саботажа, притисоци и нетрпеливост може само да го остави овој град десетина сезони без прволигашка кошарка. Тој период еднаш помина, а со ваков однос веројатно не сме далеку од нов кошаркарски мрак.
Треба да се остават егоизмот и суетите зад себе, бидејки кога ќе се излезе на терен, спортистите се пример за најмладите. Куманово е „кошаркарски град“ кој сеуште го нема освоено македонското првенство во кошарка, публиката стрпливо го чека највисокиот резултат. Упатените критики и сугестии се добронамерни се со цел да се отстранат девијантните појави во спортот. Големи сте онолку колку што се и вашите достигнувања, а заедно имате поголеми шанси за успех.
Стефан Николиќ, спортист
Стефан Николиќ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*