Има моменти во животот, кога молчењето станува грешка, а зборувањето – должност. Граѓанска должност, морален предизвик, категоричен императив од кој не можеме да побегнеме. - Ориана Фалачи.
Пред да кажам било што, сакам да се оградам од било каква политичка припадност, да нагласам дека партиски сум необоен. До сега во мојот живот немам гласано на избори. И никогаш во животот нема да гласам за ниту една партија. Но и негласањето на еден начин е давање на глас. Глас на човек кој не верува во ниту еден политички претставник да ги застапува неговите интереси. Трагичен глас на беспомошен човек кој не и верува на сопствената држава.
Господа властодршци, погледнете му во очи на народот, барем за момент. За момент да замислиме дека сите сме само луѓе и вие не сте ништо подобри од нас. Лично, би ви поставил неколку прашања, доколу можете искрено да одговорите. Што чувствувате кога ќе го слушнете гласот на народот секој ден пред вашата Влада додека се обидува да допре до вас? Што чувствувате кога ќе застанете секое утро пред огледалото? Горди ли сте?
Ве прашувам, како можете око да склопите, додека ние беспомошно се бориме за своите права? Како сонувате знаејќи дека една мајка нема можност да се збогува со својот син? Како можете гордо да чекорите во својот барок, со главите дигнати до небото? Можете ли да ме погледнете во очите и да ми одговорите?
Господа властодршци, вие сте само осамени, напатени души во овој систем што сите полека не гуши! Од каде ви е храброста да кажете дека учениците и студентите се вашата иднина? Од каде ви е храброста да ги затворите очите пред вашата иднина и да го игнорирате нејзиниот плач!? Како се дрзнувате да пропагирате многудетно семејство во држава во која едвај се крпи крај со крај? Држава во која затворите ви се полни со невини души. Полека, но сигурно си го поплочувате патот кон пеколот. Има ли некој од вас деца!? Обидете се да поминете половина ден во кожата на родителите на Мартин Нешковски, родителите на децата убиени кај Смилковско езеро. Не можете нели? Премногу сте заглавени во својот комфор и не знаете како светот изгледа зад полициски обезбедената Влада.
Дозволете ми да ви ја доближам материјава: семејство без никаква финансиска сигурност со мајка која го очекува своето второ дете...мајка која се обидува да си го состави животот дел по дел, откако животот на син и прерано згаснал... сираче на улица кое секоја вечер преноќува на студениот асфалт... и безброј други случаи на луѓе изморени од битката со животот, изморени од тоа што се префрлувани од институција на институција без никаква надеж за подобро утре... Драги мои властодршци, не знаете вие што значи крпен живот.
Ова е сликата од Македонија во која живееме. Но одбивам да ја наречам „моја“. Одбивам да ја наречам „моја“ онаа Македонија која граѓаните одбива да ги признае за свои. Оваа држава во која живееме не е мојата Македонија. Мојата Република Македонија, да „мојата“, е онаа во која народот го крева својот глас и со прст покажува кон неправдата, во овој случај кон вас, драги мои властодршци. Оваа Македонија би била „моја“ кога слугите на народот, односно вие, драги мои властодршци, после вакви немири, еден по еден би дале отставка, во корист на нашата Македонија, во корист на вашиот народ!
Драги господа властодршци, па вие не можете да му погледнете на народот во очи. Немате храброст, немате чест и немате достоинство за такво нешто. Во тој случај, слободно продолжите да се криете зад вашиот барок и вашите кадифени фотелји и се надевам дека еден ден ќе се освестите. Во корист на народот кој таму и ве постави.
А сега ќе молчам. Мојата граѓанска должност е исполнета! Тука застанувам.
Христијан Баневски Христијан Баневски, матурант
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*