×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • СО ЉУБОВ ЗА КУ-БА

    Атина Мургашанска

    Нема подобар почеток од тргнување од самиот почеток или во овој случај од насловот. Зошто КУ-БА? Од каде сега КУ-БА? Комуњарска носталгија или транснационален проект?! Или само туристичка импресија од далечно патување? За среќа, или за жал, ни првото ни второто, а овојпат ниту третото. Ама има длабока врска со зборот носталгија. Со тој слатко-горчлив вкус на едно дамнешно време, нешто од кое ви се стега срцето и оросуваат очите или се јавува само мала насмевка во аглите на усните, со тоа топло-ладно чувство на нешто ептен свое, важно до болка и радост во исто време. Со еден цел калеидоскоп на среќни сликички, врамен во душата на секој од нас и втемелен во Градот и едни среќни времиња. Ако до сега не погодивте за што станува збор блазе си ви, но и штета за вас. Штом до сега овој збор не побуди кај вас никакви асоцијации, наплив од сеќавања и слатко-тажни емоции, ви честитам. Вие сте сеуште млад човек, кому оваа кратенка не му значи ништо, освен вечно атрактивна туристичка дестинација или марка на популарни цигари. А штета, пак, што не сте биле дел од една децениски среќна приказна за едно Место и еден Град, која одамна ги надмина неговите граници и стана бренд на просторите на некогашната заедничка држава, за да заедно со неа замине во историјата. Добро не баш со неа, ама зеднички им беше почетокот на крајот.

    Доколку сте, пак, од овие вторите, само малку повозрасни, вам нема што да ви објаснувам. Вие знаете се` уште на прва и можете до утре, па и со денови, да раскажувате што КУ-БА значела за вас, вашето момче или девојка, вашите другари и оние школските и оние од маало, подоцна и за оние од кумановската чаршија, за вашето семејство, роднините, пријателите. Вие можете компетентно да презентирате дека КУ-БА не е далечната американска држава, туку остроумна и интригантна кратенка од името на многу важната одлика на Градот и Општината, КУМАНОВСКАТА  БАЊА. Оваа кратенка, официјално промовирана со пуштање во употреба на тогаш најатрактивниот хотел во градот, па и регионот, уште долго ќе остане препознатлива како симбол на кумановската бањска приказна, синоним за успешен спој на природните богатства, туристичката  креативност и привлечен сплет на модерното и традицијата.

     Во непосредна близина на природниот извор на минерална вода, која поради високата температура, популарно ја нарекуваме Вруќа Вода, хотелот КУ-БА беше дел од еден цел туристички комплекс. Примарно место, секако, имаше објектот на самата Кумановска Бања, изворот и чешмите со минерална, топла, благогазирана вода со киселкаст или за генерации и генерации Кумановци, најубав вкус на светот. И ден-денес има луѓе и семејства, кои ја пијат исклучиво оваа вода и со неа ги снабдуваат и своите домашни и соседите и пријателите. И ден-денес двете чешми, освен за пиење и полнење, се користат и за миење и плакнење на очите и лицето. Бањата пак, беше масовно посетувана од домашните и туристите од другите градови, па и околните држави. За нејзиниот минерален состав и медицинските карактеристики говореа сите, од лекарите и микробиолозите, до секој малку поупатен кумановец: „Много е добра, лечи све, реуму и нервозу нарочито!“  

    Освен хотелот КУ-БА, бањските туристи можеа да ги користат и сместувачките капацитети на депандансот на ресторанот Стара Бања и приватните сместувачки капацитети во селото Проевце, во чиј атар е бањата. Многумина одбираа да се сместат во хотелот „Кристал“ во центарот на градот или повторно по приватните станови и апартмани низ градот и околината.

    Со пуштањето во употреба на отворениот базен, близу до Бањата и реката Кумановка, приказната се заокружи во комплетна понуда на медицински, рехабилитационен, спортски и рекреативен туризам. Кумановска Бања или Вруќа Вода беше омилено место и за спортски натпревари, подготовки на тимови и репрезантации, концерти и модни ревии, градски слетови и натпревари, изложби и поетски читања. Катадневно, и топ избор за случајни или намерни излети, пикник на тревата или во боровата шума, училишни излети и екскурзии. Не можеше да се замисли одбележувањето на Денот на трудот без Првомајски излет во паркот и прекрасната природа на Кумановската Бања. Ѓурѓовден во целиот свој сај и раскош на обичаите и традицијата беше оној вистинскиот, изворниот, само во тоа зелено опкружување, каде врбите се огледуваа во водите на Кумановка, а белите ради се натпреваруваа со првите глуварчиња. Ќе замирисаше и понекое јагне или месо на жар, а ќе свртевме и по некое оро или барем добар бакшиш за трубачите и другите музичари. Кустурица, брате, твојот филм ние одамна го живеевме со срце и душа и го доснимувавме со секоја нова пролет со браќата Роми и останатите соседи и пријатели. И тоа беше само почетокот на катагодишната плејада на излети, пешачења, вечери и ручеци со музика во прекрасната бавча на ресторанот Стара Бања, долги романтични прошетки со симпатиите или оние кои штотуку тоа ќе бидат. Сведочат високите зелени крошни и за многу воздишки, вљубени погледи, но и солзи од првите раскинувања.

    Некои од нас, токму таму ги искажаа и брачните завети, а својата среќа ја споделија со роднините и пријателите на свадбена веселба, и тоа каде, ако не во салата на хотелот КУ- БА. Потоа следеа фотографии од детски родендени, дипломски забави, веридби и момински и момчешки забави и прослави за војска или пензионирање. O tempora, o mores...

    КУМАНОВСКА БАЊА е место кое мајката природа ни го подарила со сиот свој раскош и потенцијал, да го користиме, негуваме и облагодаруваме. Да се гордееме со него и тоа со нас. Да ја ползуваме оваа лековита и топла вода, која е единствен и незаменлив ресурс на планетата Земја, национално и природно богатство за кое се даваат и богатства, и водат битки, а со малку ум и одговорност, жнеат успеси и собираат ловорики.

    Каде се изгубивме во меѓувреме во „преводот“, па од локална и регионална гордост, КУ-БА од синоним за успех и престиж, се претвори во грда слика на транзицијата, судските лавиринти и бесконечни стечајни постапки, огледало на нашата негрижа и немарност, кревање рамења пред решенијата и оставање на забот на времето да го уништи нашиот убав лик пред светот. Зарем бирократијата и правните празнини можат да бидат посилни од нашата љубов за КУМАНОВСКАТА БАЊА, некогаш и сега?! Нема нерешливи ситуации и состојби во животот и светот, освен смртта. Само таа е конечна и дефинитивна и со трагични последици. Ама КУМАНОВСКАТА БАЊА никогаш не згасна сосема, иако долго е во кома или клиничка смрт. Последниве години повторно проработи Бањата, а во подготовка е и повторното полнење на минералната вода во шишиња. Ресторанот Стара Бања доби нов, разубавен лик, а огромната летна тераса е уште поубава,  доволно автентична и во духот на старите времиња. Работи и еден мал мотел, а корона- кризата го одложи пуштањето во употреба на нов, модерен хотел. Сосема доволно за нов, втор почеток на љубовната приказна меѓу КУМАНОВО и КУМАНОВСКАТА БАЊА, меѓу КУМАНОВЦИ И КУ-БА.

    За љубов и среќа секогаш се потребни најмалку двајца, а ние сме многу повеќе. Не има од сите возрасти и етникуми, од сите професии и политички убедувања, од сите делови на градот и општината, и определени и неопределени и државни службеници и приватни стопанственици, и владини и невладини активисти, екологисти и феминисти, алтернативци, и класичари и авангардисти, и традиционалисти, комити и партизани, верници и атеисти, но едно нешто ни е заедничко. Сите не врзува константа, неменлива бесконечност и трајна вредност-љубовта со големо Љ за нашата КУМАНОВСКА БАЊА и желбата повторно да блесне со истиот, па и  со посилен сјај и одсјај во нашите и очите на нашите гости.

    Во меѓувреме, многу претргнавме, ама и многу научивме. Учевме и од сопствените, но и од туѓите грешки, се огледувавме во другите позитивни приказни и примери. И, не мора да одиме многу подалеку, само малку на исток или на север, како сакате. Две соседни држави кои лежат на минерални води, а бањскиот туризам отсекогаш бил високо во нивната агенда за Локален економски развој, Регионални развојни планови и Национална развојна и туристичка стратегија.

    Браќата Срби, на пример, одамна сфатиле дека фаќање чекор со понапредните и поуспешните не оди само преку економски натпревар и учење на високи западни школи, туку и со примена на наученото на сопствен терен , со сопственото природно богатство и ресурси. Србите, како и ние, немаат море, ама имаат прекрасни, убаво уредени бањи и бањски комплекси со вековна традиција. Имаа и тие транзициски „грешки во чекори“, ама многу бргу се сетија дека време е да се промовира повторно максимата: „Секоја чест на морето, ама на море може секој“.

    Бањскиот, или ако сакате по ново спа- туризмот, не е само за луѓе со тегоби, туку и за приврзаници на здрави навики, рекреативно спортување и постојана грижа за себе, своето телесно и ментално здравје. Некогаш, во минатите векови, бањите биле резервирани само за благородниците, образованите и луѓе со стил и префинет вкус. Минатиот систем поработи на нивната масовна достапност, а сега е време  за нова ера во бањскиот туризам. Време е за силна промоција на бањите, вклучително и нашата, како средиште на нов, модерен и здрав начин на живот. Како база за нов силен економски развој и потенцијал, за нови вработувања и кариерен развој. Неодамна, при посета на Врњачка Бања, имав прилика да запознаам двајца успешни менаџери на два престижни хотели. Едниот ги оставил понудите за спортска кариера во метрополата и целиот свој живот патува од многу поголем град до својата ценета и успешна работа во ова прекрасно бањско градче, а другиот, на почетокот на својата успешна кариера во туризмот, одолева на предизвикот да не замине во главниот град, зошто не е се ниту во парите, ниту во големината на градот.

    Затоа, драги мои КУМАНОВКИ и КУМАНОВЦИ, Ве повикувам да се обединиме во оваа Граѓанска иницијатива „Со љубов за КУ-БА“ и да и го вратиме сјајот и местото на нашата КУМАНОВСКА БАЊА, сега и веднаш! Како прва Претседателка на Советот на Општина Куманово, ќе ми биде чест да ја предводам оваа иницијатива, а успехот е неминовен и извесен!

    Атина Мургашанска Координатор на Форумот на жени на ОО на СДСМ на Куманово, Атина Мургашанска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*