Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На граничниот премин Табановце, на влез во Македонија, Царинската управа ја постави првата табла за Зелена лента за Отворен Балкан што е еден од првите проекти на иницијативата кои даваат конкретен и видлив резултат за побрз проток на стоки, услуги, луѓе и капитал.
Најважната придобивка од зелената лента за компаниите и транспортерите, како и за oвластените економски оператори од Отворен Балкан е намалување на времето на чекање на граничните премини. Тоа е овозможено преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли.
Со визуелното обележување на зелената лента за Отворен Балкан, Царинската управа ги упатува транспортерите кон полесно движење на стоките и намалување на трошоците за извоз и увоз. Следната недела вакви обележја ќе бидат поставени и на граничниот премин Ќафасан при влез во државата, а потоа истото ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од Македонија во тие две држави.
Одобрението за овластен економски оператор кој го издава Царинската управа претставува потврда дека лицето имател на ОЕО е сигурен и безбеден партнер на царинскиот орган и има контрола над процесите на своето работење, а со протоколите кои меѓусебно ги потпишавме тие потврди се еднакво валидни и за земјите кои се дел од иницијативата Отворен Балкан. Ова е значајна придобивка за компаниите од трите земји кои побрзо и поефикасно можат да ја пласираат својата роба, соопштува Владата.