Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Опозицијата не обезбеди мнозинство за гласање на недоверба на Владата по поднесената иницијатива од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците , Алтернатива, Беса и Левица.
Пратеникот Кастриот Реџепи од Беса не се појави на закажаната седница, со што опозицијата остана со 60 пратеници и не можеше да обезбеди кворум за ново собраниско мнозинство. По неизвесниот ден и обвинување дека Реџепи е под притисок и не по своја волја е отсутен, пратениците од опозицијата си заминаа од Собранието, но рекоа дека не ја повлекуваат иницијативата и побараа брзи предвремени парламентарни избори.
Пред полноќ седницата, на која присуствуваа само претставници на Владата предводени од СДСМ, ја затвори претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој истакна дека поради немање кворум, не е отворен дневниот ред и не може да се отвори дебата за гласање доверба на Владата.
„Констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба и таа продолжува со полниот состав и со должностите што ги има.“рече Џафери.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски изјави дека овие случувања покажуваат оти демократијата е погазена, а власта се обидува по секоја цена да остане на власт. Лидерот на Беса, Биљал Касами, истакна дека тие остануваат на ставот за пад на овој режим и дека случајот со пратеникот Кастриот Реџепи докажува дека оваа власт е спремна на се за да остане на овие позиции.
„Ова веќе е делегитимација, затоа што со криминални акти и механизми се обезбедуваат гласови за да не падне оваа криминална власт“, рече Касами.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, пак, го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ја излажал јавноста оти има 61 пратеник, а Артан Груби од рече дека граѓаните треба да бидат спокојни оти победила евроатлантска Македонија.
„Победи Македонија, која е во добри пријателски односи со САД, со ЕУ, во добри односи помеѓу заедниците и благодарен сум им на сите коалициски партнери“, изјави Груби.