Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за труд и социјална политика и СОНК ги потпишаа измените и дополнувањата на колективниот договор со кој се регулира исплатата на плати и придонеси на плати за време на штрајк, по што тие ќе бидат испратени во Службен весник. Покрај потпишувањето на измените и дополнувањата, МТСП и СОНК договориле до крајот на мај да биде донесен и новиот колективен договор.
Пред некој ден на состанокот со претставниците на МОН беше донесено решение со кое што се согласија и двете страни да платите во дејноста – детските градинки и во образованието се зголеми за 15 проценти. Значи, сите делови коишто беа дел од одлуката за штрајк се реализирани и последното е отпочнувањето на процесот на подготовка на новиот колективен договор. Веднаш по 24 мај, по празникот започнуваме со работните групи коишто се веќе дефинирани и формирани од двете страни. До крајот на месец мај ќе го донесеме новиот колективен договор којшто ќе значи дополнителни права на вработените, односно на носителите на дејноста во детските градинки“, рече министерката за труд и социјална политика Јованча Тренчевска по средбата со претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Тој на прес-конференцијата посочи дека со ова практично и е заокружен процесот на преговори во однос на барањата на СОНК кон МТСП.
„Она што беше како спорно исплатата на дневници на вработените во детските градинки кои штрајкуваат денеска со измена на Колективниот договор во тој дел го регулиравме и ова право на вработените, затоа што сметавме дека од разни причини се дискриминирани и не беше во ред на нив да им се скрати од платата. МТСП, пред се министерката, имаа разбирање за тоа што го баравме, го усогласивме и овој дел и сметам дека во целост овој процес на штрајк и преговори со МТСП конечно е затворен“, рече Неделков.
Тренчевска појасни дека овие измени и и дополнувања на Колективниот договор се испратени во „Службен весник", и оти се очекува денеска или утре да бидат објавени.
„Затоа е изменет и дополнет Колективниот договор и тука е регулиран начинот на исплата на платите за време на штрајк и придонесите од плати и согласно овие измени ќе бидат исплатени платите за месец април 2022 година“, истакна Тренчевска.
Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На Синдикатот му беше понудено зголемување на платите од 10 и 12 проценти, но ваквите предлози беа одбиени од страна на членството.
На 26 април штрајкот во градинките беше ставен во мирување со образложение дека тоа е направено во интерес на родителите и стопанството кое трпи поради неможноста кој да ги згрижи децата од предшколска возраст. На 28 април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор.
По назначувањето на медијаторот од страна на Министерството за труд и социјална политика почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена, неделава заврши со усогласување на ставовите на двете страни