Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Менопаузата е значаен животен период кој се одразува на физичкото и менталното здравје кај жените.
Овој процес, кој обично се јавува околу средната возраст, носи со себе различни симптоми и предизвици што можат да влијаат на квалитетот на животот и семејните односи. За да се добие појасна слика за овие предизвици, Кумановоњуз спроведе онлајн анкета во која беа вклучени жените од Североисточниот регион и пошироко.
Истражувањето има за цел да ги истакне главните симптоми, степенот на нивната тежина и нивното влијание врз секојдневното функционирање и семејните односи. Резултатите од анкетата откриваат не само колку се чести симптомите, туку и колку тие влијаат на квалитетот на животот и каква е потребата за дополнителна поддршка и информации.
На нашата анкета одговорија вкупно 65 жени од кои повеќе од 50% се наоѓаат во возрасната група од 40 до 49 години, што е клучен период пред менопаузата, но и време кога симптомите може да започнат. Втората по бројност група е онаа од 50 до 59 години, како што се изјасниле околу 48% од учесничките, додека останатите возрасни групи не се застапени. Овој резултат сугерира дека мнозинството од испитаничките се на возраст кога менопаузата има значајно влијание на нивниот живот.
Симптоми и нивната интензивност
Најголем број од жените вклучени во анкетата или 92,2% пријавиле симптоми кои може да се поврзат со менопауза. Најчесто тоа се напливи на топлина (18,4%), неконтролирано потење (16%) и зголемување на телесната тежина (15,2%), што предивикуваат значителен степен на нелагодност. Проблемите со спиењето и промените во расположението се исто така чести и се застапени со по 12,5%, што укажува на комплексноста и разновидноста на симптомите на менопауза.
„Веќе 7 години имам напливи на потење и топлина. Користам природни, билни лекови, но не помагаат. Понекогаш навистина сум без енергија и тешко се справувам со симптомите. Навистина ми е потребен стручен совет за да ги надминам проблемите“, се жали една од учесничките во анкетата.
Кога станува збор за оценка на тежината на симптомите, пак, најголемиот дел од анкетираните или близу 60 отсто ги опишуваат како средни, што значи дека симптомите се доволно сериозни за да предизвикаат забележителни нарушувања. Но не и толку екстремни, односно тешки како што ги опишуваат 23,4% од жените –учеснички или многу тешки што посочуваат 6,3% од нив. Само околу 10 отсто пријавиле дека имаат лесни симптоми. Тоа значи дека иако симптомите се присутни за многу од жените, нивната интензивност може да варира значително.
Консултации и третмани
Многу малку од испитаничките се консултираат со медицински лица за менопаузата, односно тие се релативно ретки, покажува анализата на резутатите од анкетата. Само околу 14 % редовно бараат совет од стручни лица, додека 37,5% го прават тоа ретко, а повремено 26,6% од учесничките. Но, загрижува фактот што околу 22% никогаш не се консултираат со никого. Од една страна ова може да укажува на недостаток на достапност до специјализирани здравствени услуги, но и на недоволно развиена свест за важноста на редовното следење на симптомите на менопауза.
Во однос на третманите за справување со симптомите, природните или билните лекови (33%), промената на исхраната (24,5%), и физичката активност (27,7%) се најчесто користени методи за олеснување на кризните ситуации. Хормонската терапија и менталните техники, како што се медитација и јога, жените ги користат многу ретко или близу 6,5 отсто. Причините најверојатно треба да се бараат во ограничениот пристап до овие третмани, но и во недостатокот на информации за нивната ефективност.
Токму голем дел од учесниците или вкупно 73,4% чувствуваат потреба од повеќе информации или поддршка за менопаузата. Ова укажува на јасна потреба за подобрување на едукацијата и ресурсите достапни за жените во менопауза, како и за развивање на програми за поддршка кои можат да помогнат во управувањето со симптомите. И тоа не само од државните и општински институции, туку и од невладините здруженија и други еснафски организации.
Влијание на симптомите врз секојдневието и семејните односи
Симптомите на менопауза значително влијаат и на секојдневното функционирање на жените. Така, за 42,2% од учесничките овие тегоби имаат големо или средно влијание врз нивното секојдневие, додека само за мал број од нив имаат многу малку или никакаво влијание. Ваквите резултати потврдуваат дека менопаузата има значително влијание врз квалитетот на животот за многу жени и дека бара сериозен третман и влијание.
Во однос на семејните односи, пак, се оценува дека менопаузата најчесто се одразува негативно (32,8%) , додека близу 36% од учесничките сметаат дека нема значително влијание. Позитивното влијание на семејните односи е многу ретко , но интересно е што дури близу 30 % не се сигурни како менопаузата влијае врз нивните семејни односи.
И реакците на членовите на семејството во однос на разбирањето на состојбата во која се наоѓа жената во менопауза се различни. Така, околу 31% од испитаничките имаат поддршка од семејството, додека речиси исто толку не се сигурни како да ги дефинираат нивните реакции во однос на ова прашање. Околу 22 отсто, пак, сметаат дека семејството е незаинтересирано за нивните проблеми, а 14 % дека нивните блиски немаат разбирање за нив.
Најчестите проблеми во семејството поврзани со менопаузата вклучуваат зголемен стрес и конфликти (38,6%), проблеми со интимноста и сексуалниот живот (18,4%), и проблеми со комуникацијата (17,5%). Овие резултати сугерираат дека менопаузата може да има значително негативно влијание на семејните односи, што дополнително ја нагласува потребата за поголема поддршка и разбирање од страна на семејството во овој чувствителен период за жената.
Од анализата се заклучува дека главна грижа на жените поврзана со менопаузата е прашањето: До кога ќе трае и има ли крај? Учесничките истакнуваат дека постојано се прашуваат како да се ослободат од симптомите, колку долго ќе траат промените, дека имаат стравот од потенцијални здравствени последици. Тоа повторно упатува на потребата од подобра информативна поддршка и развивање на стратегии за управување со симптомите, кои ќе можат да им помогнат на жените да се справат со менопаузата на поефективен начин.
„Имам 57 години и воопшто немам никакви проблеми во врска со менопаузата. Тоа се должи најмногу на мојата физичка активност. Активно се занимавам со планинарење. Секојдневно вежбам и се одржувам во топ форма. Мој совет до секоја жена која минува низ овој период е што повеќе да се посвети сама на себе, повеќе да се занимава со физичка активност и со здрава исхрана“, е еден од ретките позитивни примери и охрабрувачки совети во анкетата на Кумановоњуз.
Резултатите од ова истражување ја нагласуваат потребата за поголема свест и поддршка за жените кои преминуваат низ менопауза. Иако многу учесници се запознаени со симптомите и ги менаџираат со различни третмани, значителен дел од нив се соочуваат со предизвици кои влијаат на нивниот квалитет на живот. Потребата за повеќе информации и поддршка, како и за подобрување на комуникацијата и разбирањето во семејството, е очигледна. Понатамошните истражувања и интервенции треба да се фокусираат на овие области за да се подобри целокупното искуство на жените во менопауза.
(istockphoto)