×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Мима Николовска - единствената фотографка во Крива Паланка

    27.08.2024 08:29 | Жаклина Цветковска

    Во една мала, но полна со живот улица во Крива Паланка, во 1974 година, се отворил дуќанот „Фото Мима“, основан од Македонка Николовска, единствена жена која ќе го остави траен белег во светот на фотографијата во овој град.

    Мима Николовска - единствената фотографка во Крива Паланка

    Сегашната пензионерка кои сите ја познаваат како Мима, уште од своето детство, била живо, темпераментно и љубопитно девојче. Кога на 11-годишна возраст отишла со мајка ѝ во Белгија, во посета на тетката и братот, за првпат видела млади туристи како сликаат на плоштадот Гранд Плац во Брисел. Подоцна, имала можност да ги види модните списанија што ѝ ги испраќала братучетката од Белгија, а во нив модерни жени со фото апарат во раката. И така, се вљубила во оваа одважна професија, со која во нејзиниот роден град се занимавале само мажи.

    По завршување на основното училиште, Мима отишла да учи сликарски занает кај Ваци Јосифовски од Куманово, кој отворил фото студио во Крива Паланка, човек познат по својата мајсторска работа и важен дел од локалната фотографска сцена. Заедно со Ваци, Мима ја откривала магијата на развивањето на филмовите и создавањето на слики.

    „Кај Ваци го „печев“ занаетот за фотографија три години. Дуќанот беше на главната улица каде имаше низа дуќани- казанџија, саатчија, шнајдерница, шапкарница...итн“, се сеќава Мима.

    На почетокот ова за неа било и уметност, и авантура. Со друштвото собирале пари и купувале хартија, развивач и други материјали и сами правеле слики во импровизирана лабораторија во нејзината семејна куќа. Еднаш дури и ја пријавиле во полиција.

    „Дојдоа од полиција и ми викаа дека без дозвола сум сликала и продавала фотографии. Јас им реков причекајте и ги собрав другарките и другарите, кои потврдија дека не им ги наплатувам сликите“, ракажува Мима.

    Како посебно возбудлив момент го издвојува полагањето на испитот за фотограф кај нејзините постари колеги Мите Шандуп и Благој Цековски. Задачата била да го ретушира ликот на татко му на познатиот кривопаланечки учител Страхил Алексиќ. Иако, имала ставопочит кон нив,вели дека убаво си соработувале и ја ценеле како колешка. Си позајмувале материјал, развивачи, хартија за лични карти... Немало завидливост.

    Отварањето на „Фото Мима“ во 1974 година бил исклучителен момент за неа. Мима станала првата жена-фотографка од Крива Паланка и се посветила на работата повеќе од 30 години.

    Нејзиниот дуќан прераснал во локален центар за сликање за лични карти, пасоши, возачки дозволи, групни слики на ученици. Мима била позната и по тоа што ги фотографирала важните моменти во животот на луѓето - свадби, крштевки, бебиња, родендени, семејни фотографии... Имало доста работа, па одела да слика и по селата.

    „Најмногу се сликаше за возачка, пасош, лична карта, или дечко и девојка за спомен, да му се испрати слика на саканиот во војска, ако направи некој убава фризура. Имаше и постари луѓе чии деца беа во странство, во Америка, или имаа роднини во Бугарија , па се сликаа и им праќаа фотографии. Правевме слики и за војската по караулите, за одделенијата од училиштата, или ако некој сам се сликаше ќе донесеше негатив да им се направат сликите “, објаснува фотографката.

    Таа посебно издвојува дека тогашното и сегашното занамавање со фотографија многу се разликуваат и речиси немаат допирни точки.

    „Ние сами правивме развивач, сами развивавме филмови, правевме слики и тоа во една темна комора. Колку што е сјајот на цигарата, толку ни требаше светлост за да контролираме дали филмот е добро развиен. Ретуш сами правевме, со црно платно, филмот ќе се намачкаше со мутовен и на него имаше светло одоздола, па со наострен молив со врв тенок како игла се ретушираше лицето на човекот. Сакаш да тргнеш бемки, мустаќи, брчки...се можеше, како денешниот модерен фотошоп. Но, ние тоа рачно го правевме. А сега се е компјутерски, само треба да стиснеш копче“, објаснува Мима.

    Печат на некогашните фотографски, или како што ги нарекувавме сликарски дуќани, е и црно-белата фотографија. Мима објаснува дека сите фотографи од тоа време сликале исклучиво во оваа техника. Дури и кога се појавиле колор сликите не развивале фотографии во боја, туку ги праќале во други градови и држави. На почетокот, некаде во 1976 година кога се појавиле „сликите во боја“ ги праќале филмовите на развивање дури во Загреб, и тоа по пошта, а ги чекале готовите фотографии со недели. Од 80-тите години почнале да ги прават и во Скопје, потоа во Солун, таму било поефтино и таму правеле поголема количина слики, обично групните слики од учениците кои се сликале на крајот на учебната година. Бргу се правеле, со нови апарати, машински. Тогаш во боја почнале да се сликаат и свадби, крштенки, млади.

    Мима била интересна како прва жена фотографка во Крива Паланка, особено кога доаѓале бабички од село. Им ставала ѓерданче, марама, на мажите кравата и биле презадоволни како ги „начинила“. Слики од своето студио чува и денес и им ги подарува на познаниците кои ги сликала многу одамна. Понекогаш, вели, се случува и на некролог да види фотографија сликана во нејзиниот дуќан која покојникот ја сочувал.

    За слики вообичаено се чекало ден-два, а интересно е што и тогаш имало итна постапка за изработка на фотографии која траела околу 2 часа. Се случувало да дојде некој од странство да прави лична карта или документи за пасош и обично времето му е ограничено и се брза. Тогаш, вели Мима,го сликаш, го развиваш и го сушиш филмот, имало и апарат за сушење слики.

    За Паланчани посебен куриозитет во тие години се и излозите на фото студијата, нешто што сега не е вообичаено. Излозите биле украсени со фотографии,зголемени, во голем формат, обично на млади и убави момчиња и девојчиња,но имало и деца, фамилијарни слики, како и посебни рамови со слики од лични карти, возачки дозволи, пасоши. Луѓето кои шетале на тогашното градско корзо застанувале пред излозите,ги гледале фотографиите, се воодушевувале на убавината и позите, но и препознавале роднини, пријатели, сограѓани.

    „Сликав едно девојче, 15-тина години имаше, кое беше многу фотогенично, ја зголемив сликата и ја ставив на излог. Многу беше радосно, ги доведе и родителите и роднините да ја видат. Се беше тогаш природна убавина, сите беа убави, луѓето беа фотогенични“, вели Мима.

    Таа првиот апарат, рефлекторите и другата опрема ги купила од Врање, но со текот на времето како се развивала технологијата, така и таа го опремувала и усовршувала своето студио. Денес има вредни, професионални и висококвалитетни фотоапарати како јашика, канон од Белгија, кодак со телеобјектив, кои ги чува за внуците.

    Во историјата на кривопаланечката фотографија, 70-годишната Мима и понатаму останува единствената фотографка. Се уште нема своја наследничка која ќе го прифати предизвикот да се натпреварува со мажите фотографи кои ги има се повеќе во градот.