Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стефанија ЛП Додевска е млада бизнисменка, која храбро чекори низ животот, и се справува со сите предизвици во професијата.
Нејзината упорност и посветеност да се занимава со она што го сака, а не со она што го студира, и донеле успех, и таа денеска го води едно од најуспешните козметички студија „Diamond Beauty“ во Куманово, а истовремено e и единствената едукаторка за маникир и педикир во градот и околината.
Кога повеќето млади луѓе се иселуваат од државата, таа и нејзиниот сопругот успешно водат свои бизниси овде и се справуваат со сите предизвици и недостатоци што ги има во приватниот сектор во земјата. Таа вели дека младите треба повеќе да се вложат во работата што ја сакаат, бидејќи без труд нема резултати и лесна заработувачка каде и да отидат.
„Лично не сметам дека имаме недостатоци во нашето општество, тие се во нас и нашата глава, а ние младите сме движечка сила и треба да бараме начин и решение како веќе не би имало такви недостатоци. Мислам дека каде и да живеам ќе го работам истото, предизвици има секаде“.
Додевска е категорична кога вели дека: „Бизнисот бара работа, пожртвуваност и посветеност без разлика каде и да се иселиме. Ќе звучи премногу строго, но ја мислам дека младите ќе се вратат кога ќе увидат дека никаде не паѓаат пари од небо и секаде за да заработат треба да работат. Грешка е што нашите млади не ги учиме на работа уште од помала возраст, туку им ветуваме лажен свет, а потоа се иселуваат мислејќи некаде на друго место ќе најдат совршенство. Секое општество и држава има недостатоци, но со наша помош и иницијатива можеме да придонесеме кон промени“.
Со тајните на маникирот таа се запознала како студентка по медицина, додека престојувала во Америка, по што одлучила тоа да биде нејзина професионална определба.
„Професионално почнав да се занимавам со оваа практика во 2013 година кога отидов во Северна Каролина и добив можност да навлезам подлабоко во работата на еден СПА центар. Додека студирав паралелно и работев. Сметав дека тоа ќе биде рекреативно додека да дипломирам, но љубовта стануваше се посилна и преовлада над медицината. Така почнав медицинските познавања да ги насочувам се подлабоко во проучување на маникирот, ноктот, кожата и кутикулите. Како навлегував во суштината на проблематиката така се повеќе ми се допаѓаше оваа работа, а пресудна беше среќата во очите на моите клиенти“, вели Стефанија.
Таа вели дека успехот во нејзината работа, е и резултат на тоа што има заеднички точки меѓу нејзините две професии. Како дипломирана докторка, медицината не само што го обогатила нејзината разбирање за човековото тело, туку ѝ дала и вредни знаења кои ги применува во својата козметичка практика. Особено што покрај естетски маникир и педикир, кои се најраспространети меѓу младите, постои и нивен медицински третман, кој бара посебни услови и апаратура за работење, како и стручност. Со редовен третман и нега можат да се спречат одредени болести или неправилен раст.
„Секој допир и обработка на нашето тело, а тоа подразбира и на ноктите и кожата, бара медицинско знаење и прецизност до детали. Доброто разбирање на анатомијата и физиологијата е клучно за обезбедување на безбедни и ефикасни козметички третмани“, потенцира Стефанија.
За да се избори за своето место под сонцето, таа не штедела време ни пари, за да го надогради своето знање и искуство. Поминала разни обуки и едукации, при што се стекнала со 3 нострифицирани и интернационално признаени дипломи од патентирани техники на изведување, заверени од министерствата за образование на САД, Бугарија и Русија, како и 8 сертификати од обуки и едукативни семинари од Србија, Македонија и Бугарија.
Искуството стекнато во странство решила да го примени кај нас, а знањето да го пренесе на младите. Круна на нејзината едукација е обуката на една од најголемите и најпрестижни школи “Deep Manicure” во Москва, каде добила звање - едукатор за длабински маникир.
„Во Москва завршив специјализирана гранка од областа на руски маникир - длабинско отворање и отстранување на кутикули, кое ми помогна да го совладам последниот чекор од мојата професија за едукатор по базен маникир, за да можам целото познавање да го пренесам на сите мои колеги и колешки како кај нас, така и пошироко. “, вели оваа млада жена.
Како успешен едукатор, Стефанија сведочи за значителен интерес кај младите за маникирот и педикирот. Во текот на изминатите години, многу млади поминале низ нејзините обуки, што е доказ за растечката привлечност на оваа професија.
„Досега имаме обучено стотина ученици од Куманово и околината, имаме ученици и од Бугарија, Словенија, Германија, Швајцарија дури и од Америка- што не прави премногу среќни“, вели Стефанија.
Интересот на младите да им го пренесе знањето посебно ја инспирира и ја мотивира да работи уште попосветено, и да ги подигне стандардите во професијата не само во сопствениот салон, туку и кај нејзините колеги со кои постојано соработува.
„Искрено, сите сме сведоци на секојдневни нестручни и непрофесионални услуги за лична нега и естетика, и посакувам тоа да се смени. Тоа не е добро за оние кои ја работат оваа работа, не е добро за професијата, бидејќи клиентите веќе знаат да препознаат квалитет и професионалност, и се повеќе се свесни за ризикот по нивното здравје, тоа им помага полесно да изберат мајстор кој соодветно ќе се грижи за нивните нокти и тело. Несоодветното познавање на проблематиката резултира со опасност од ширење на болести или оштетување на ноктите и прстите. Затоа и е потребно да се има барем основно познавање и едукација пред да се почне да се дава услуги, бидејќи одговорноста за сите поседици е на козметичарот“, вели Стефанија.
Стефанија е млада жена, сопруга и мајка, која успева да ги усклади сите обврски во семејството и да води сопствен бизнис, а најголема поддршка и е нејзиниот сопруг Даниел.
„Со мојата професија почнав уште од 20 години, кога обврските не ми беа во толкав обем, но со текот на времето запознавајќи го мојот сопруг ги вкрстивме патиштата и почнавме да чекориме заедно со взаемна поддршка која и ден денеска си ја пружаме за да ги ускладиме нашите лични, професионални и семејни обврски. Така што тој ми е главна потпора и помош при работата“, посочува Стефанија.
Таа смета дека жените во општеството имаат доволно простор да се докажат и да ги остварат своите амбиции.
„Работата која што ја работам дава можност на многу жени да ја научат и да почнат со ова занимање. Секако дека има простор за сите и дека во нашето општество секој може да си го покаже својот талент и амбиција. Сите кои што имаат сон и желба, имаат простор да научат и работат, барем во денешно време тоа не е веќе недостижно и невозможно. Јас лично немам користено никаква помош од невладини организации и од државните институции досега, но сигурна сум дека постојат одредени програми за помош на почетници и поддршка на таленти“, вели Стефанија.
Она што најмногу ја исполнува и ја прави среќна на работа е задоволството на нејзините ученици и клиенти после изработен маникир или завршена обука, а надвор од работата среќата е во очите на нејзините две деца кога ќе се врати дома, а од тоа нема нешто поискрено и е бесценето.