Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Видео на Фејсбук шири дезинформациии дека коронавирусот не постои, а вакцините се метод за микрочипирање на населението и негово следење. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Светска здравствена организација потврди дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Исто така, во вакцините нема чипови. Првиот доказ за тоа е дозата на вакцината. Таа е помала од еден милилитар! Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Што се однесува до вакцинацијата, таа во земјата е доброволна. Никој никого не присилува да се вакцинира. Но, доколку некој не се вакцинира, тогаш тој може да има рестрикции во движењето – ограничувања каде може, а каде не може да влегува, како мерка за заштита на јавното здравје
Рецензираме пост објавен на Фејсбук, којшто претставува видеоматеријал од антивакцинален протест одржан во Скопје, откако Владата обзнани дека ќе има рестрикции за невакцинираните граѓани, односно дека без вакцинален сертификат или потврда за прележаност, нема да може да се влегува на јавни настани, кафулиња, трговски центри.
После оваа одлука, антивакциналното движење во земјава организираше серија протести и видеото што го рецензираме претставува излагање на „Мајк Тајсон“ (псевдоним на Фејсбук на лицето кое е чест говорник на протестите).
Од 45 секунда до крајот на видеото, тој тврди:
Сакаме да му упатиме порака на македонскиот народ што се однесува на оваа уцена за вакцинација на тие што не сакаат да се вакцинираат, а и да им помогнеме на тие што се вакцинирани и мислат дека има коронавирус. Коронавирус нема, веднаш ќе ви кажеме, тоа е една измислица на некој што сака да оствари своја цел и платил на оваа влада и на сите влади во светот. Ова е глобален напад со цел уништување на светската економија, присилно вакцинирање и идентификација со микрочипови, следење на нашето движење и укинување на нашите основни човекови права. Кој стои зад сето ова? Tоа се групи кои го контролираат светскиот банкарски систем и имаат преземено контрола врз повеќето влади во светот. Оваа влада прими големи пари за да го направи овој план и да го спроведе.
Наспроти овие тврдења, вистината е дека коронавирусот постои и мутира.
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација (СЗО) потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.
Ова изолирање содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“.
Министерот за здравство Венко Филипче пред една година во едно интервју кажа дека нема никаков финансиски бенефит за државата ако има поголем број на заразени и починати од коронавирусот.
Не, тоа е апсолутно лажна вест. Соработката со Светската здравствена организација која што практично започна уште на почетокот на кризата апропо коронавирусот, беше во насока на споделување искуства од Кина и од Италија, понатаму во насока на препораки кои произлегуваа од искуствата на другите земји и координација на активностите меѓу нив во регионот и во Европа. Апсолутно нема никаков финансиски бенефит, ниту од бројот на пациенти, ниту од починати, тоа е дефинитивно една лажна вест, изјави Филипче.
Тоа што го зборува Мајк Тајсон во своето излагање, всушност, претставува една глобална теорија на заговор, според којашто една мала и моќна група на луѓе сака да го следи светското население преку чипови!
Но, во вакцините нема чипови. Првиот доказ за тоа е дозата на вакцината. Таа е помала од еден милилитар! Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Ова го потврдиле и проверувачи на факти од Австралија кои се занимавале со ова прашање.
Интерната димензија на иглата е 0.3 милимери. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.
Министерството за здравство на Австралија одговарајќи на ова прашање, тврди дека чипови во вакцините нема.
Ниту една од вакцините против ковид-19 кои се во развој не содржат софтвер или микрочип. Тие не можат да се користат за да луѓето бидат следени, пишува на официјалната веб страница на Министерството за здравство на Австралија.
Во следното видео повеќе лекари одговараат на прашањето дали вакцината против ковид-19 содржи микрочип.
Јавно се достапни сите компоненти на вакцините како дел од постапката за одобрението што треба да го добијат од Агенцијата за храна и лекови на САД, така што компаниите не може да изненадуваат со тоа што содржат нивните вакцини, вели доктор Џош Леско во видеото (18 секунда од видеото).
Од 37 секунда во видеото, друг експерт, исто така, посочува дека чипови во вакцините нема.
Покрај тоа што вакцините се создадени од луѓе кои се во партнерства со академски институции, научници кои го посветиле животот на помагање на луѓето и немаат друг интерес освен тој, исто така има и надворешни тела кои проверуваат што има во вакцините. Во нив членуваат луѓе од заедницата, луѓе кои не работат во компаниите производители и кои повторно немаат интереси. Така што, има многу контролни механизми за да се осигураме дека нема микрочипови или било што опасно за јавноста, вели доктор Мати Хлатшвајо Дејвис, лекар за инфективни болести на Универзитетот Вашингтон, на факултетот за медицина (37 секунда од видеото).
На следниот линк, на официјалната веб-страница за вакцинација во С. Македонија, поставени се упатствата за користење на вакцините во коишто го има и составот на секоја вакцина. Состојките на вакцините се позната и јавна информација и ниедна вакцина не содржи микрочип.
Инаку, дезинформацијата дека во вакцините има микрочипови е поттикната од најавта на американската компанија Апиџект дека ќе има опција на надворешната страна од шприцовите да има баркод, со кој ќе се следи кога дозата била администрирана, дали е оригинална или фалсификувана и шприцот ќе биде однапред наполнет со вакцина за да се забрза имунизацијата во САД. Ова не значи дека некаков чип ќе се инјектира во телото на пациентите, туку дека баркодот кој е опционален и незадолжителен, ќе биде за контрола на дозата од страна на здравствениот работник.
Фирмата АпиЏект не ги произведува вакцините, туку само ги полни во своите шприцови, за да бидат достапни за користење. Чипот нема да собира лични податоци ниту податоци за тоа кој ја примил дозата, туку ќе му овозможи на здравствениот работник да знае кога дозата е со истечен рок и дали е фалсификат.
Според официјалните статистики на Министерството за здравство, до 22 август вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на пандемијата изнесува 169.202, бројката на оздравени пациенти е 152.465, на починати е 5.695, а бројот на активни случаи изнесува 11.042. Овие бројки исто така покажуваат дека коронавирусот постои.
Земјава се наоѓа во фаза на масовна имунизација како механизам за борба против новите мутации на коронавирусот, како на пример делта мутацијата, која е позаразна за 70 проценти. Според претседателот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести доктор Жарко Караџовски, еден заразен со делта сојот може да го пренесе на 7 други лица.
Вакцинацијата во земјава е доброволна. Никој никого не присилува да се вакцинира. Но, доколку некој не се вакцинира, тогаш тој може да има рестрикции во движењето – ограничувања каде може, а каде не може да влегува, како мерка за заштита на јавното здравје.
Поради сите овие аргументи како дезинформација го оцнуваме тврдењето дека коронавирусот не постои, дека вакцините се метод за микрочипирање на населението и негово следење.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар