Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Крива Паланка ќе донира 100.000 денари како солидарна поддршка и помош за Општина Делчево, која деновиве беше погодена од бројни штети предизвикани од поројните дождови.
На иницијатива на советничката група на СДСМ и коалицијата, поддржана од градоначалникот Сашко Митовски, Советот на Општината денеска донесе едногласна одлука овие средства да бидат доделени за санирање на последиците од елементарната непогода во делчевската општина.
„Во рамките на нашите можности, покажуваме солидарност и хуманост кон Општина Делчево на која во овие моменти секоја помош и е потребна и добредојдена“, истакна претседателката на Советот, Изабела Павловска.
Градоначалникот Митовски истакна дека кривопаланчани се солидаризираат со делчевчани по големата природна непогода, а воедно истакна дека и Крива Паланка се соочува со штети кои во изминатото деноноќие ги предизвикаа временските непогоди.
„Обилните дождови предизвикаа појава на повеќе активни свлечишта, одрони на патиштата и однесени делови од локални патни правци. Екипите се на терен, сите служби се мобилизирани и етапно се работи на санирање на настанатите штети. Ги молиме граѓаните за разбирање и трпение, вложуваме максимални напори за што поскоро решавање на состојбите“ информираше Митовски.
Од изминатото деноноќие Крива Паланка е зафатена со поројни дождови, а според УХМР таа е општина каде последните 24 часа наврна најмногу дожд, поточно 40 литри на квадратен метар.