Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Градски Музеј Крива Паланка денеска се одржа академски час "Гоце Делчев, апостол на слободата", посветен на 120-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Покрај улогата на Делчев во националната историја и во македонската револуционерна борба, директорот на музејот Драган Величковски, jа истакна и улогата на Гоце Делчев во локалната историја , кривопаланчката револуционерна организација и неколку дејци од Крива Паланка.
„Во неколку писма од Делчев се споменуваат Крива Паланка и кривопаланчкиот револуционерен округ. Во времето кога тој учел во Солунската гимназија, таму учителствувале двајца паланечки учители: Манасиј Лучански и Александар Димитраков. Со Делчев нѐ поврзува и комитата Ѓорги Китанов-Чичето од кривопаланечко, кој учествувал во поширокиот појас на четата за обезбедување на Гоце при неговото загинување во село Баница, Серско“, рече Величковски.
Историчарот Мартин Додевски, пак, го презентираше научниот труд "Претставувањето на Гоце Делчев како историска фигура во македонското основно образование" со кој имаше настап на Меѓународниот научен семинар 2022, посветен на 150- годишнината од раѓањето на големиот македонски револуционер.
Во чест на денешниот ден, ЛУ Градски музеј Крива Паланка ќе поднесе иницијатива за почеток на постапка за подигнување спомен -обележје на македонската револуционерна борба во Крива Паланка.