Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со новите понудени решенија, местоположбата и еколошки здравата средина, Крива Паланка ќе добие уредени зелени површини и убав и достоинствен живот за сите граѓани, порача Сашко Митовски, кандидат за градоначалник на Крива Паланка од СДСМ и коалицијата на вечерашната промоција на кандидатите од оваа политичка опција.
Митовски вети подобрување на патната инфраструктура, решавање на сообраќајниот хаос, гасификација и развој на општината, но и голема поддршка за младите.
„Мојата младост и енергичност, заедно со вашето искуство и добри политики, ќе биде патот по кој ќе чекориме. СДСМ ги има вистинските и најдобрите луѓе, ја има најдобрата понуда за Крива Паланка, рече Митовски.
Промовирајќи ги кандидатите, вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски посочи дека СДСМ ги исполнува плановите и дека има најтранспарентна влада во регионот.
„Крива Паланка е дел од Коридорот 8 и се инвестира во инфраструктурата. Градиме експресен пат и за првпат преземаме конкретни активности за долговетуваната железница кон Бугарија. Во март-април идната година започнуваат работите на делниците од Бењаковце до Крива Паланка, а следната година ќе се распише и тендер за избор на изведувач за најтешката
делница Крива Паланка-Деве Баир. До месец ноември комплетно ќе се заврши и патната делница од Куманово до Страцин“, рече Николовски.
Тој, воедно, најави дека сегашниот градоначалник Борјанчо Мицевски, преминува во централната власт, каде заедно ќе продолжат да работат на нови проекти и му се заблагодари на неговата чесност, посветеност и одговорност во досегашното раководење со општината и го повика Митовски да продолжи по неговиот пат.
Истовремено, беа промовирани и кандидатите за советничката листа на СДСМ, чиј носител е актуелната претседателка на Советот на општината Изабела Павловска.