Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
До крајот на месецот ќе започне санација на патот кон манастирот Карпино во должина од 2.400 метри, во селото Сув Ора, Општина Старо Нагоричане.
Во моментот патот е тешко прооден поради големите оштетувања, па со поправката се очекува посетителите да можат со сопствени возила да стигнат до Карпино, важен културно-историски објект, кој е сместен во недопрена природа.
„Санацијата се очекува да започне во текот на јуни, предвидено е да се расчисти вегетацијата, да се прошири патот, да се реши одводнувањето и делумно да биде тампониран“, изјави Наталија Мирковска, од Секторот за комунални работи во општината.
Проектот го спроведува Општина Старо Нагоричане, а средствата во висина од 3,5 милиони денари се обезбедени од Бирото за рамномерен развој.
И од здружението за заштита на манастирот Карпино, објавија дека наскоро ќе започне реконструкцијата на патот, а потоа најавуваат и обвновување на конаците.
Манастирот Карпино е изграден во 14 век и е позната скрипторска школа од 16 век. Според податоците од Институтот за македонска книжевност, во манастирот Карпино живееле над 300 калуѓери и тој важел како црковно - духовно и културно јадро за овој регион. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во Москва, Софија и во Белград, сведочат за препишувачката школа и за постоење на ќелијно училиште.
Скапоцената колекција на стари празнични икони се наоѓа во галеријата на икони во соборниот храм „Свети Никола” во Куманово.
Поради непристапниот терен, објекти и црквата се руинирани и запуштени, но жителите на овој крај и љубители на природата постојано апелираат државата и црквата да помогнат овој комплекс да заживее.
(фото. ФБ Манастир Карпино)