Кривопаланечките кандидати за градоначалник ветија дека нема да водат црна кампања

25.09.2021 19:22 | Жаклина Цветковска

Кандидатите за градоначалник на Крива Паланка, денеска, во ОИК, го потпишаа Kодексот за фер и демократски избори и ветија дека нема да водат црна кампања за нарушување на угледот на своите противкандидати.

Кривопаланечките кандидати за градоначалник ветија дека нема да водат црна кампања

На овие локални избори, во изборната трка учествуваат 4-ца кандидати: Сашко Митовски од СДСМ, Александар Рангелов од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Зоран Павловски од ЛДП и ДОМ и Славчо Станковски-Нико од ИНТЕГРА.

Кандидатот на СДСМ, Сашко Митковски повика како нови генерации на политичари да воведат нови принципи и правила во кампањата и идното раководење на општината.

„Време е да го смениме досегашниот наратив на омраза и црна кампања и да покажеме нови вредности како кандидати. Кој и да ја добие поддршката од граѓаните, сите ние треба да ја поддржиме идејата за општ интерес на Крива Паланка. Во Советот треба да има борба на идеи, а не на политички пресметки. Од мое име и од име на СДСМ ве уверувам дека ќе водиме фер и позитивна кампања, истакна Митовски и ги повика противкандидатите да испијат заедничко кафе за да ја покажат политичката зрелост и големина.

И кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Александар Рангелов упати порака дека годинава треба да се води поразлична и позитивна акампања за да можат граѓаните да го направат правилниот избор.

„Ќе ги почитуваме сите законски прописи во изборниот процес за да дадеме придонес кон зајакнување на фундаменталните вредности на демократијата. Кампањата треба да биде борба на идеи и проекти , зашто само
на тој начин граѓаните можат да направат избор и да ја дадат довербата. Ние ќе водиме позитивна кампања во интерес на граѓаните, порача Рангелов.

Мотото на Славчо Станковски-Нико, кадидат на ИНТЕГРА во изборната кампања,пак, е „Човекот пред се и човекот над се“.

„Како нов во политиката немам обврски кон никого и нема да се задржувам на негативните страни од претходниот период. Напротив, се што е позитивно ќе биде прифатено и надградено, а истовремено ќе барам соработка и од моите опоненти. Стручноста, знаењето и граѓаните на Крива Паланка ќе бидат пред се и се мојот основен мотив“, подвлече Станковски - Нико.

Кандидатот на ЛДП и ДОМ, Зоран Павловски, пак, рече дека не очекува фер избори, бидејќи тие никогаш не биле такви, но дека очекува на овие избори да има позитивни промени и дека нема да се води црна кампања.

„За овие 30 години, колку што сум во политиката, досега не сум видел фер избори, и би сакал да ме разуверите дека грешам и дека на овие избори нема да биде така. Но, ве повикувам да не водиме црна кампања, да созрееме конечно и граѓаните да кажат кој е најприфатлив кандидат за градоначалник. Ајде да покажеме дека сме едно семејство и после 17 октомври да си честитаме“, повика Павловски.

По потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, кандидатите за новата локална власт испиија заедничко кафе, а кандидатите за градоначалници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ направија и заедничка
фотографија.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk