Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска официјално беше пуштен во употреба реконструираниот магистрален пат Куманово - Страцин.
Оваа патна делница е дел од Коридорот 8 и реконструирана е за првпат по повеќе од 30 години, во вкупна должина од 31.2 километри. Вредноста на проектот изнесува околу 12 милиони евра.
„Истокот и североистокот, кои многу години беа заборавени, ги развиваме со модерна патна инфраструктура. Покрај овој магистрален пат, токму во овој регион интензивно се извршуваат градежните работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, каде што дополнително со реконструкцијата и проширувањето со дополнителна трета лента до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, на источниот крак ќе имаме комплетен патен Коридор 8. Значи од најлошиот пат во државата кој водеше од Куманово до границата со Бугарија на Деве Баир сега ќе имаме модерен магистрален пат по кој ќе се вози и побрзо и побезбедно. Овој инфраструктурен проект ќе ја направи нашата земја клучен транзитен центар на Балканот и ќе придонесе за економско јакнење на целиот регион. Проектите за заживување на овој регион кои досега беа само на хартија, ги претвораме во реалност. И сето тоа е видливо на терен“, рече премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на настанот.
Премиерот истакна дека Коридорот 10д и Коридорот 8 се најголемиот инфраструктурен проект во државава, а сега со потпишувањето на Анексот на Договорот со ЕУ и Коридорот 8 веќе е дел од мрежата на трансевропски коридори.
„Со оваа одлука на Европската Унија, со изградбата на Коридорите 8 и 10д, нашата држава од кружен тек, станува централна крстосница на Балканот, и се позиционира на сообраќајната и економската карта на Европа. Со изградбата на овие два коридори, за прв пат како држава воспоставуваме модерна патна врска кон запад и исток, а не како досега само север и југ. Се поврзуваме со две пристаништа: едното во Бургас, Република Бугарија и другото во Драч, Република Албанија. Дополнително, веќе потпишавме меморандум со Владата на Албанија дека по изградбата на новото пристаниште Порто Романо ќе биде овозможено и изградба на суво пристаниште во Струга, што дополнително ќе претставува олеснување за сите компании кои тргуваат во земјата, но и за земјите од централа и југоисточна Европа“, нагласи Ковачевски.
Со изградбата на двата Коридори 8 и 10д, како што рече премиерот, предвидени се нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години, како и нови бизниси и можности за домашните компании.