Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На 7 април секогаш се празнува големиот христијански и народен празник „Свето Благовештание“ или познат како Благовец.
Се вбројува во постојните празници и е еден од 15-те големи празници во христијанскиот календар од кои 12 се посветени на Исус Христос и на Света Богородица. Меѓу народот уште е познат и како „Благовец-Прв Велигден“.
Етнолозите Драган Величковски и Наталија Милковска од Градскиот музеј Крива Паланка, велат дека овој празник се празнувал во градот, но и во сите села во Кривопаланечко, на различни начини, карактеристични за регионот.
„Наутро се каснува мед на гладно за да биде „блага“ годината. На овој ден, на девојчињата им се дупчат ушите, затоа што се верува дека светецот ќе помогне побргу да заздрави местото“, посочуваат етнолозите.
Благовец е поврзан и со доаѓањето на птиците преселници. Се верува дека на овој празник пристигнува и последната птица преселница, без разлика дали времето е сончево или има дожд и снег.
„Во народот постои и верување дека на овој ден излегуваат сите животни од зимскиот сон за да го видат „благиот ден“. И денеска, како и за празниците Летник и Младенци, присутен е култот кон змиите, поради што луѓето придаваат големо значење да не ги налутат со некоја своја постапка“, посочуваат Величковски и Миковска.
Денеска им е именден на Благој, Благица, Благуна, Блаже, Блашко, Блашка и сите „благи“ луѓе.
(Ж.Ц.)