Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со свечена седница на Советот на општината, денеска беше одбележан Денот на ослободувањето на Крива Паланка „8-ми Октомври“ и 77 години слободна Крива Паланка.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски упати благодарност до сите што дале придонес за економски, социјален и општествен развој, но и во справувањето со светскиот предизвик за надминување на последиците од пандемија.
„Горд сум што како мала општина успеавме да се наметнеме како препознатлив чинител во делот на искористувањето на ИПА фондовите, но и од другите извори на финансирање, промените кои ги правиме во делот на енергетската ефикасност, транспарентното, отчетното и одговорно работење, да воспоставиме соработка со поголем број на дипломатски претставништва, да ги подобриме и децентрализираме дел од социјалните услуги, да воведеме нови струки и паралелки и ги подобриме условите за образование, да ги промовираме и заштитиме нашите природни и културни реткости и убавини, да ја заштитиме животната средина преку начинот на управувањето со комуналниот отпад, да инвестираме во спортот, спортската инфраструктура и младите. И сето тоа е само еден мал дел од генералната слика и промените кои секојдневно се случуваат“, подвлече Мицевски.
Советот на општината ја усвои Одлуката за доделување на највисокото општинско признание- наградите и благодарниците „8-ми Октомври“ за 2021 година. Годинава, наградата „8-ми Октомври“ е доделена на Бранко Павловски за постигнати значајни резултати од областа на културата и музичката уметност.
Наградата „Почесен граѓанин на Крива Паланка“ е доделена на НЕ Милан Предан , амбасадор на Република Словенија во РС Македонија, а „Признанието за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Општина Крива Паланка“ и припадна на Оливера Јанковска за нејзините особени заслуги во промоција, афирмација и достојно преставување на општината и дражавата надвор од границите на земјата.
Доделени се и повеќе благодарници, а сите признанија ќе бидат доделени утре на свечена академија , во присуство на гости од земјава и странство.