Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советот на Општината Крива Паланка донесе одлука за дополнување на Програмата за социјална, здравствена и детска заштита за 2022 година, со нова мерка за ангажирање на дваесетина лица-корисници на гарантирана минимална помош во спроведување на јавни работи. Оваа мерка ќе се спроведува до крајот на годината, при што ќе бидат ангажирани по околу 10-тина лица месечно .
„На овој начин, од една страна се помага на социјално ранливи групи на лица,нивна социјализација , а пралелно и се спроведуваат активности и работи од јавен интерес за граѓаните и заедницата. Со други зборови целта на оваа програма е да се подобрат семејните буџети на одредени групи на социјално ранливи семејства и лица“, велат од општината.
Ангажираните лица ќе спроведуваат јавни работи како што се: чистење на улици и локални патишта, чистење на водотранспортни објекти, собирање на паднати лисја на јавни и зелени површини површини, собирање на отпад и чистење на депонии, подигање и одржување на зелени површини, чистење на снег од јавни површини и други слични јавни работи по потреба.
Временскиот период на ангажираните невработени лица ќе изнесува 22 работни дена, односно еден месец за едно лице кое користи минимална парична помош. Месечниот надоместокот за вршењето на јавните работи ќе изнесува 11.000 денари или 500 денари дневно, со платен персонален данок и осигурување од повреда при работа.
За време на ангажирањето за вршење на јавни работи на корисниците на минимална парична помош нема да им се укинува социјалната помош која ја користат.