Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мултумедијален настан, насловен „Музички времеплов: Промоција на трајните вредности од светската рок и поп култура“ на кој ќе биде презентирана музичката сцена од 50-тите години на минатиот век, па се до денес, ќе се одржи утревечер, со почеток во 19, 30 часот, во уметничката галерија и на платото на Градскиот музеј од Крива Паланка.
Во рамките на настанот, ќе биде отворена ретроспективна изложба „Визуелниот говор на македонските носачи на звук (LP-a) во ХХ-век“ и ќе бидат промовирани делата Македонска рок енциклопедија, Македонска дискографија-винили и Македонски рок времеплов, чиј автор е Тошо Филиповски.
Музичарот и модератор Илија Кикиритков, пак, ќе ја потсети публиката на историјата на светската рок и поп сцена, преку интерактивна прошетка, проследена со музичка изведба, нарации и видео прилози.
Целта е да се даде придонес за популаризирање, афирмација и доближување на светското и македонско музичко наследство до публиката. Се очекува на едно место да се соберат различни генерации, кои ќе ги споделат своите спомени и доживувања од минатите времиња и ќе се потсетат на најголемите светски рок и поп хитови, трендови, легенди и музички идоли.
Организатори на музичкиот времеплов се Центарот за аудиовизуелни уметности-Крива Паланка и НВО Инфоцентар-Скопје, како дел од проектот “Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“.
Коорганизатори се ЛУ Градски музеј Крива Паланка и Општина Крива Паланка, а настанот е дел програмата на „Културно лето 2021“.
Настанот ќе се одржи според предвидените протоколи за заштита од ковид-19.