Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Група граѓани и верници од Куманово, кои сакаат да го вратат некогашниот сјај на манастирскиот комплекс Матејче, вчера ги исчистиле црквата, дворот и трпезаријата на некогашното одмаралишто во пресрет на утрешниот празник Мала Богородица.
Фото: Мери Николић
Минатогодишниот кум на славата Марјан Боровиќ, кој е еден од иницијаторите за обновување на комплексот, ги повика верниците да дојдат во што поголем број .
Како и секоја година и раселените жители од липковските села ќе се соберат да го прослават големиот христијански празник како што тоа го правеле нивните предци.
Црквата во Матејче е еден од најзначајните објекти во Македонија и ваква грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. Меѓутоа, црквата се ноаѓа во очајна состојба откако во неа беше сместен штабот на УЧК во 2001 година. Во воениот конфликт голем дел од црквата беше уништен, фреските оштетени, а одмаралиштето разурнато и запалено.
По завршување на конфликтот направена е сериозна конзервација и црквата е доведена во состојба во којашто можеше да функционира, меѓутоа нејзиното уништување продолжи и понатаму. Вандали постојано ги кршат влезните врати и прозорците, а поради запоставеноста и неодржување се оштети кровот, па атмофереските влијанија доплнително го уништуваат фрескоживописот и внатрешноста на објектот. Оваа година беа украдени и оловните плочи од кровот.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена 1362 година, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14 век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. И покрај сите премрежиња, црквата и денеска му пркоси на времето.
Комплексот „Света Богородица“ со конаците и детското одмаралиште над селото Матејче се наоѓа во Општина Липково на Скопска Црна Гора, и до пред 20 година беше омилено место за посета на кумановци. Последните години црквата се посетува само за празникот Мала Богородица на 21 септември, а граѓаните бараат државата и црквата да го изградат патот и да ги обноват конаците и да го заживеат местото во туристички цели.