Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Несреќата во Скопје длабоко ги потресе жителите на Куманово и околијата. Веднаш по катастрофалниот земјотрес граѓаните, власта и општествено политичките организации преземаа итни мерки за прифаќање на ранетите и бегалците од Скопје, пишуваат новинарите на „Наш весник“, во текстовите објавени на 1 август 1963 година, 5 дена по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во кој загинаа 1.070 лица, а градот беше целосно разурнат.
Весникот кој излегувал на 15 дена, во првиот број по несреќата опширно известува како граѓаните на Куманово и локалната власт се вклучиле во борбата да се спаси секој живот и да се згрижат луѓето кои останале без кров на главата.
„За неколку минути по земјотресот, беше ослободена Кумановската болница, а потоа прилагодени и интернатите во Земјоделскиот центар и Периодичното училиште за згрижување на населението. Во овие згради беа обезбедни околу 500 постели. Граѓаните широко ги отворија своите домови за бегалците. За прифаќање на ранетите и евакуирањето се ангажирани 3.000 членови на Социјалистичкиот сојуз и другите организации. Неколку дена автомобили ги пренесуваа ранетите во земјотресот“, се вели во текстот.
Според извештаите на кумановските новинари, сите сили во градот биле насочени за спасување на повредените. Во Кумановската болница биле подготвени 500 постели, а сите лекари и целиот медицински персонал биле на своите работни места. Тие први започнале да им пружаат помош на ранетите, а потоа на` помош пристигнале комплетни екипи од белградската болница „Драгиша Мишовиќ“, уште една екипа од Белград, потоа од Лесковац, Ќуприја, Земун и Светозарево. Болницата била екипирана со 14 хирурзи и 6 лекари од другите специјалности потребни за една хируршка екипа.
Со тимот раководел управителот на Медицинскиот центар во Куманово д-р Александар Ивановски, кој тогаш изјавил дека персоналот на болницата и екипите што дошле на помош сесрдно се заложиле за спасување на животите на повредните.
„Деноноќно се работевме, без починка, без храна, без смени. Некои лекари од моментот на несреќата, па до третиот ден воопшто не го напуштија своето работно места“, изјавил д-р Ивановски.
На Спортскиот аеродром „Аџитепе“ била отворена Американска полска воена болница, во која се лекувале околу 100 потешко повредени лица.
За потребите на ранетите биле организирале масовни крводарителски акции, во кои се вклучиле голем број жители на Куманово. Само првиот ден се пријавиле над 2.000 доброволци, а околу 150 младинци и жени пристигнале од Прешево, потоа 100 од Врање, 50 од Липково и околу 100 од Кратово и Крива Паланка.
Еден ден по земјотресот, на 27 јули, повредените во Кумановската болница ги посетил тогашниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито, заедно со највисокото раководство на државата, откако направиле обиколка во Скопје.
„Претседателот на Републиката Јосип Броз Тито, потоа потпретседателот на Републиката Александар Ранковиќ, претседателот на Сојузната скупштина Едвард Кардељ, претседателот на Сојузниот одбор на ССРНЈ Лазар Колишевски, претседателот на Сојузниот извршен одбор Петар Стамболиќ, претседателот на синдикатите на Југославија Светозар Вукмановиќ-Темпо и повеќе други раководители на највисокото раководство на СФР Југославија и СР Македонија ја посетија Кумановската болница. Претседателот Тито ги посети ранетите во катастрофалниот земјотрес во Скопје. Другарот Тито одеше од постела до постела, разговараше со полесно повредените и се интересираше за состојбата на нивното здравје. Потоа сите ја посетија операционата сала. Другарот Тито се интересираше дали болницата има доволно медицински персонал, лекови и друга опрема за пружање на ефикасна помош на ранетите. На заминување Тито им порача: ‘Јас знам дека сте вложиле многу напори за да им помогнете на постраданите, но јас уште еднаш ве молам да сторите се` да не згасне уште некој живот’“, пишува во весникот.
Куманово прво им пружило помош на настраданите во Скопје, тврадат новинарите. Иако не се знаела точната бројка, се сметало дека ги има околу 20.000. Тие денови Куманово било центар и на сите оние што во тоа време се нашле на патиштата што водат кон Скопје. Сите хотели биле преполни, а покрив над главата и постела им била обезбедена на оние кои се нашле надвор од своите домови, како и странски туристи кои се нашле во земјата. Речиси секое домаќинство примило по едно или две семејства.
„Кумановчани евакуираните од Скопје ги примија срдачно. Ги нахранија, им помогнаа да се очистат и и исперат, и што е најважно ги утешија и окуражија по претрпаниот страв во несреќата. Ги примија како свои, како роднини блиски. Со ова им покажаа дека се солидарни со нив и дека длабоко сочувствуваат со нивната голема трагедија“, се вели во текстот.
Евакураните граѓани се сместувале и во просториите на административните и просветните установи, кои времено биле одредени за таа цел, а неколку стотиниа деца биле прифатени и сместени во колективни згради или во семејства. За нив биле ангажирани просветни работници за да организираат разни активности и забава.
Поради вонредната состојба во градот, Околискиот штаб за одбрана од елементарни непогоди постојано заседавал и ги координирал активностите за сместување на повредените и евакуираните од загрозеното подрачје. Била донесена наредба мажите на возраст од 18 до 55 години да не смеат да го напуштаат градот, а сета техничка механизација и превозни средства биле ставиле во функција на помош за расчистување на урнаините во Скопје.
Животот во градот течел нормално, а снабдувањето со храна и лекови се одвивало добро. Се преземале мерки да не се дозволи зголемување на цените на некои производи, коишто ги продавале индивидуалните производители. Поради големиот број луѓе, а пред се` деца, за да се спречи појава на заразни болести медицинските служби преземала повеќе мерки, а се започнало и со вакцинација против тифус, паратифус и тетанус.
Хотелот „Куманово“ се преориентирал во ресторан за општествена исхрана и во него се хранеле вработените од републичките институции коишто дошле да работат од Куманово, бидејќи нивните згради биле разурнати во Скопје. За нивни потреби биле ослободени зградите на Црвениот крст, Школскиот интернат, Заводот за вработување и други.
Кумановската пошта била центар и место за работа на околу 100 домашни и странски новинари, кои известувале за несреќата во Скопје. Управата на поштата сите простории им ги ставила на располагање и дневно се примале по 2.000 телеграми од сите краеви на земјата. Бидејќи на Куманово му била прекината телекомуникациската врска преку Скопје, сета пошта се пренесувала со автомобили до Штип, Велес, Врање и другите околни градови.
Во весникот се објавувале имињата на луѓето кои се наоѓаат во колективните сместувалишта, за да можат нивните роднини да ги пронајдат.
Во тогашното издание на „Наш весник“, текстовите не се илустрирани ниту со една фотографија за состојбата во градот, поради што од редакцијата им се извинуваат на читателите и објаснуваат дека тоа е поради техничките проблеми во печатницата во Скопје.
(Извор: сдк.мк)
(Фото: Принтскин од дигиталното издание на „Наш весник“/Интернет)