×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Марина Пешиќ го засладува животот со медени колачиња и развива креативен бизнис

    19.02.2023 09:13 | Оливера Пешевска

    Кумановка по најтешката животна пресвртница се решава силната болка да ја укроти со креативна работа, изработувајќи медењаци, како што се познатите лицитарски колачиња.

    Марина Пешиќ  го засладува животот со медени колачиња и развива креативен бизнис

    Марина Пешиќ (44) од Куманово одлуката ја донела по тешката сообраќајна несреќа, која оставила последици врз нејзиното здравје, а бидејќи секогаш имала афинитет кон уметноста и креативноста се посветила на правење уникатни шарени колачиња. Почнала да ги работи со љубов, а од оваа идеја веќе развива и сопствен бизнис и се здобива со се повеќе клиенти.

    „По една година работа се уште го пробивам ледот и работата се уште не е исплатлива, но се вложив себеси во изработка на медењаците. Посетував специјален курс за нив во Панчево, Србија. Имаат специфичен начин на изработка и треба време и посветеност доколку сакаш да постигнеш професионален изглед. Но, сметам дека можноста за изразување е неограничена“, објаснува Марина.

    Клиентите на кои им ги нуди уникатните колачиња се задоволни, веќе има стекнато и редовни муштерии кои и ја даваат довербата да им разубави некој празник или значаен датум.  Се работи со специфични бои за слаткарство кои ги продава само еден магацин во Скопје, а некои од материјалите тешко се наоѓаат во Македонија па бара помош од пријатели, роднини и познаници кои и ги доставуваат од европските земји.

    „За изработка на едно колаче се потребни 3 до 4 часа, секој слој боја треба да се суши по најмалку
    еден час. Покрај талентот за цртање, неопходно е и големо трпение. Но, тука се вложувам целосно, таму ми оди мислата, не размислувам за проблеми и многу ме смирува работата“, истакнува Марина.

    Работи претежно ноќе, кога сите спијат за да може целосно да се концентрира, да не ја прекинува постапката на изработка и да ја заврши нарачката навреме. Секој дел од колачињата е изработен рачно, со љубов и посебно внимание посветено на деталите.

    Марина е сопруга и мајка на две деца, која покрај медењаците, по нарачка прави и погачи, кифлички, торти за семејни веселби, но изработува и декоративни предмети во повеќе техники-декупаж, сутаж, сибори (за изработка на бижутерија), работи со срмен конец, црта, слика.

    Следна цел и е да заврши курс за изработка на повеќекатни професионални торти. Својата умешност ја има покажано и на манифестацијата „Вешта жена“ во Куманово каде била победничка, а на државниот натпревар се пласирала на второ место.

    „Масата ја крстив „Жената е како птицата Феникс“. Сметам дека жената во ова средина е многу силна, по секоја потешкотија успева да се издигне од сопствената пепел како Феникс и да продолжи продуктивно да придонесува за децата, семејството, домот и општеството“, подвлекува Пешиќ.

    На вакво размислување ја навел самиот живот, откако преживеала тешка сообраќајна несреќа. Била прегазена на пешачки премин, се здобила со повеќекратни скршеници на екстремитетите, ребрата, повреди на главата и животот и висел на конеца. Опоравувањето траело долго, процесот бил спор и екстремно болен, но сила и давала помислата на дечињата и колку таа им е потребна во животот.

    „Во моментот кога бев повредена имав тримесечно бебе, син ми се роди во февруари, несреќата беше во мај. Ќерка ми имаше повеќе од 7 години и мислата ми беше дека таа ќе ме знае, но малиот нема да се сеќава на мајка му.Тоа ми даде сила да се подигнам на нозе, морав да оздравам поради нив“, со солзи во очите раскажува Марина.

    Таа се уште чувствува последици од несреќата и смета дека не е способна за работа, па тоа и дало мотив да се посвети во слободното време со нешто што ќе ја исполни, но и барем малку да придонесе за семејниот буџет. Така започнала и нејзината приказна со изработка на се попопуларните украсни медењаци.

    Марина вели дека уште од малечка покажувала талентот за цртање и сликање и во основното училиште. Животот ја водел во разни насоки, работела како трговец, но повторно се враќа на својата детска љубов,со свои раце да создава нешто што ќе ги воодушеви луѓето. По неколку години,планира да се посвети и на поезијата и прозата.

    „Веќе имам идеја за книга, но за тоа по 50-та година од животот, за сега не се откажувам од медењаците“, завршува Пешиќ.

    Горда е што талентот го пренела на своите деца и смета дека и ќе ја надминат и допрва ќе се слуша за нив.