×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Моќно е чувството кога ќе го победиме коронавирусот, јас се радувам повеќе од пациентите, вели младиот лекар Трајановски

    09.01.2021 11:36 | KumanovoNews

    Дваесет и седумгодишниот лекар од Инфективното одделение во Кумановската болница, д-р Даниел Трајановски ги освои симпатиите на кумановци, поради неговата посветеност во лекувањето од ковид-19. Тој е доктор по општа медицина и стана омилен кај своите пациенти, откако со својата стручност и професионалност, но и непосреден однос успеа да ја стекне довербата кај болните и нивните семејства.

    Моќно е чувството кога ќе го победиме коронавирусот, јас се радувам повеќе од пациентите, вели младиот лекар Трајановски

    Неговите пациенти велат дека тој пред сѐ е човек со големо срце, а потоа посветен, неуморен, трпелив и пожртвуван лекар. Тој подеднакво се грижи за сите заболени независно дали се во неговата амбуланта или во болничка соба, но не ги остава сами ни кога се лекуваат дома. За нив и нивните семејства е достапен 24 часа за совет или за поддршка. Неуморен во мисијата да го победи невидливиот непријател, неговиот работен ден најчесто трае повеќе од 10 часа, често е дежурен, а не му е тешко да дојде и ноќе доколку некој пациент има потреба од негова помош. Неговите колеги кажуваат дека тој не се срами ниту одбива да помогне и кога се во прашање физичките работи на одделението, па се случува да носи боци со кислород затоа што болничарот не може сам или да постави катетер на пациент ако медицинските сестри се презафатени. Пациентите и нивните роднини велат дека е пример на здравствен работник какви треба повеќе да ги имаме во јавното здравство.

    А Даниел вели дека немаше да успее ако ја немаше поддршката од повозрасните колеги на одделението.

    „Пациентите не можат да се излажат, тие ве прифаќаат или не. Јас имав среќа да ја стекнам нивната доверба и многу сум горд поради тоа. Мене сите пациенти ми се подеднакви и го давам својот максимум за сите. Натчовечки се трудам да спасам сечиј живот. Мојата работа е склоп на емоција, професионалност и давање на душа. Тоа може само да се почувствува, не може да се прераскаже. За овие 11 месеци во професионалниот дел пораснав многу, но го разбрав и животот, низ него мора постојано да се бориме ако сакаме да успееме. Така е и со ковидот, борбата со него е тешка и неизвесна, но ако сте упорни ќе успеете. Многу е моќно чувство кога ќе го победиме вирусот, јас се радувам повеќе од пациентите“, – вели д-р Трајановски.

    Младиот лекар е омилен и кај неговите колеги во болницата, но и кај матичните лекари, затоа што секогаш е достапен за нив, а му одаваат признание и за професионалноста и прецизноста во дијагностицирање на болестите. Неговата пожртвуваност е позната и кај лекарите на скопските клиники, особено поради упорноста и настојувањата да ги примат тешко болните пациенти, откако тие ќе ги исцрпат сите можности да им помогнат.

    Даниел Трајановски има 27 години. По завршувањето на Медицинскиот факултет во Штип, прво работел во транзитните центри за мигранти на Табановце и Гевгелија, а во јуни 2019 година се вработил во Кумановската болница. Прво работел во Ургентниот центар, а во септември го префрлиле на Инфективното одделение. Иако немал големо работно искуство, неговата желба да учи му овозможила многу брзо да се вклопи на одделението и да застане во првите редови во борбата со вирусот кој предизвика светска пандемија. Прва негова средба со ковид-19 била на почетокот на кризата додека се борел за животот на жената, која беше негативна, а стана прва жртва на вирусот во Куманово и во државата. Тој претпоставува и дека од неа се заразил, па откако ја прележал болеста, уште повеќе им се посветил на пациентите.

    Низ секојдневната работа се соочил со многу предизвици, видел многу тажни судбини, пуштил солзи за изгубени битки и радосници за големи победи. Вели дека не знае точно колку пациенти поминале низ неговата ординација, но го памети најтешкиот случај кој имал среќна завршница.

    „Бев дежурен кога донесоа жена на возраст од околу педесетина години од Липково во исклучително тешка здравствена состојба, со сатурација од само 15 отсто, речиси мртва. Синот ја донесе во амбуланта и толку беше избезумен што клекна пред мене и ми рече: ‘Докторе останав без татко, не сакам да ја изгубам и мајка ми. Помогнете ѝ да се спаси’. Додека неговите зборови ми ѕвонеа во ушите, дадов сѐ од себе. Состојбата почна да ѝ се подобрува. Жената лежеше цел месец на одделението, лекувањето напредуваше. Успеа да оздрави, а тоа зе мене беше голем успех. Од болница излезе со 92 сатурација. Тоа покажува дека и чуда се случуваат“, вели доктор Трајановски.

    Наспроти оваа успешна приказна докторот се сеќава на напријатни моменти кога давал сѐ од себе да помогне, но не успеал да го спаси пациентот. Посебно тежок му бил моментот кога и покрај сите напори мајката на учителката на неговиот брат не ја победила болеста. По неколку успешни обиди да ја врати во живот, нејзиното срце не ги издржало последиците од ковидот. Тој додава дека сепак, најтешкиот момент од нивната работа е кога треба да му се соопшти на семејството дека починал нивниот најблизок.

    Д-р Трајановски признава дека работат под голем стрес, поради тоа што состојбата на ковид пациентите е непредвидлива и се менува многу брзо, но вели дека целиот тим на Инфективното одделението и во Ковид- центрите го даваат својот максимум во лекување, и тоа дава резултати.

    „Сметам дека услов за успех е исклучиво тимската работа. Ако нема соработка, сами ништо не можеме да направиме. Сите колеги со својата желба, волја и совест пристапуваат во лекувањето, но заеднички го заокружуваме процесот. На почетокот на пандемијата се сочивме со големи проблеми, но сите се потрудивме за кратко време максимално да се едуцираме и да сфатиме за што станува збор. Искуството си го направи своето и сега толку сме подготвени што за краток период да ги решаваме и комплицираните случаи“,  рече Трајновски.

    Тој се надева дека годинава ќе биде далеку подобра и ќе се надминат најголемите предизвици со ковид-19, по што ќе се врати нормалниот начин на живот на граѓаните.

    Овој млад човек својата професионална надградба ја гледа како кардиолог, бидејќи кога работи под стрес е најфокусиран и постигнува најдобри резултати. Приватно, д-р Трајановски е мило и скромно момче, вљубено во учителка од Гевгелија, а неговите родители живеат во Стразбур, Франција. Посебно е горд на неговиот брат Светислав кој е успешен тренер во ракометен клуб во Нанси, Франција.

    (С.Н.)