Се распаѓа пензионерскиот дом во Куманово
Се распаѓа некогашниот Дом на пензионерите што се наоѓа во близина на Автобуската станица Куманово.

Приземјето на објектот, каде што се наоѓаше ресторанот е сврталиште на бездомници и наркозависници, бидејќи влезната врата и прозорците се скршени, ѕидовите уништени, инсталацијата извадена, кујната украдена. Просторот околу зградата е целосно запуштен, обраснат во трева и претрпан со смет.
Петнаесетината станари кои живеат на катот во домот, велат дека немаат мир од крадците и жените со сомнително однесување, кои доаѓаат во ноќните часови. Затоа бараат од надлежните да го заштитат државниот имот и да му го вратат сјајот на некогашниот угостителски објект.
Нема кој не влегол по нужда внатре. Смрди, не се поминува. Јас и една жена чистиме кај влезот, ама попусто. Ноќе доаѓаат секакви луѓе се плашиме и за својата безбедност. Никој не се грижи за домот. Змии ќе не изедат, бидејќи се е отворено и искршено - вели Лилјана Кимевска, која живее тука.
Другите станари се потсетуваат на златните времиња на овој објект, кога тука вриело од угледни луѓе, секојдневно се одржувале разни манифестации и домашни веселби. Во дворот имало фонтана и парк во кој одмарале граѓаните од околните згради.
Некогашниот репрезенативен објект стана руина, откако државата го одзела на Здружението на пензионери и го ставила во сопствено владение.
Пензионерскиот дом постои од 1974 година, а до пред пет години со целиот комплекс управуваше Здружението на пензионери и инвалиди од Куманово. Сега во нивна сопственост остана само Клубот на пензионери, кој се наоѓа до поранешниот ресторан „Парк“.
Со судско решение клубовите и објектите за одмор се во државна сопственост, и државата ги отстапи на ФПИОМ. Скоро две години не презема ништо за да го заштити ресторанскиот дел поради тоа настана една хаотична состојба, - вели Спирко Николовски претседател на Здружението на пензионери Куманово.
Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека пред два месеци распишале оглас за изадавање на ресторанскиот дел во пензионерскиот дом, но никој не се јавил. Деновиве е распишан нов повик со нови услови и се надеваат дека ќе има заинтересирани. Доколку повторно никој не пројави интерес за управување со деловниот простор, ќе се ангажира осигурителна компанија за надзор на објектот.