×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Водата ме влечеше 2,5 часа по полето околу обиколницата

    11.08.2016 14:47 | KumanovoNews

    Емилија Цветковска (40) од Куманово 2,5 часа се борела со водената стихија по полето околу обиколницата и успеала да се спаси во поплавите во скопското село Стајковци.

    Водата ме влечеше 2,5 часа по полето околу обиколницата

    Емилија работи во приватен старски дом во населбата Радишани и критичната вечер околу 19 часот со својот автомобил голф тргнала кон Куманово. На обиколницата во близина на селото Стајковци наишла на колона од автомобили заглавени во трите коловозни ленти.

    „Мислев дека е невреме во Арачиново и затоа автомобилите се движат толку бавно, но сметав дека брзо ќе се расчисти гужвата. Во еден момент видов облак во вид на печурка, кој истури невидена количина вода која почна да ги повлекува автомобилите и да ги исфрла покрај патот во нивата. Се јавив на маж ми и го прашав што да правам. Ми рече да излезам од автомобилот, бидејќи ако се наполни со вода ќе се удавам. Кога излегов од колата водата ми беше до половина и беше многу ладна. Пополека придржувајќи се успејав да влезам во еден напуштен автомобил да се стоплам малку, но и тој почна да се полни со вода па морав да излезам. Дуваше многу силен ветер, а во еден момент ме зафати голем бран,  изгубив контрола и тука почна мојата борба за живот“, раскажува Емилија.

    Таа се сеќава дека прво водата ја понела неконтролирано, но успеала да се сврти и да почне да плива. На неколку места упаѓала во вртлози длабоки и по 2 метри и немала тло под нозете. Нуркала и земала воздух, но успеала да се одржи во живот. Повеќе од 1 километар ја носела водата низ нивите додека не ја исфрлила на една чистинка во центарот на селото Стајковци. Таму ги видела првите куќи и почнала да бара помош.

    „Прескокнав една жица и влегов во дворот на куќата. Во него пливаа мртви кучиња, прасиња се што чувале домаќините. Во првата куќа немаше никој и се префрлив во друг двор, но никој не ме слушна да ми отвори. Моето запомагање го слушнаа луѓе од две соседни куќи. Почнаа да ми го осветлуваат патот со батерија и се обидуваа да ми помогнат каде да се движам. Имаше еден потпорен ѕид што не можев да го поминам. Немав сили да го прескокнам и некаде половина час се борев со водата. Го соблеков фустанот затоа што ми тежеше и ја фрлив чантата. Тогаш го направив одлучувачкиот чекор. Решив да се провлечам низ тесниот отвор што го направила поплавата за да дојдам до куќата. Како низ тобоган се спуштив низ дупката со ширина околу 30 сантиметри. Стигнав до куќата и се фатив за прозорците. Луѓето што ми помагаа мислеа дека се удавив, но јас им се јавив. Со последните сили, премрзната почнав веќе да се гушам. Домаќините ми фрлија заврзани чаршафи да се врзам да ме извлечат. Но не одеше, немав сили да се задржам. Тогаш им текна дека можат да ме вовлечат во куќата низ малото прозорче од кујната. Така и направија и ме спасија“, раскажува Емилија.

    Откако ја внеле во куќата прво ја стоплиле, и дали лекови ја исмасирале со ракија и се јавила на домашните дека е жива. Таа нема скршеници по телото, но има гребнатини, набиеници и модринки по целото тело.

    Емилија вели дека ја спасила нејзината присебност, тоа што била добар пливач и вербата во Господ. За цело време додека се борела со водената стихија мислела на нејзините три деца кои ја чекаат дома.

    Таа вели дека 6 август ќе го слави како втор роденден, а на семејствата кои и помогнале ќе им биде должник до крајот на животот.

    Емилија раскажува дека цел живот е волонтер во разни навладини организации, а секретар е на Центарот за лица со попреченост „Порака наша“ во Куманово.

    Таа утре ќе оди во Стајковци да ги посети семејствата и да однесе хуманитарна помош.