Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Атлетскиот клуб Куманово, беше најуспешен во генералниот пласман од Купот на Македонија за младинци и младинки, кој викендов се одржа во Скопје на националната арена „Тодор Проески“. Членовите на клубот, со вкупно освоени 44 поени во 6 различни дисциплини и убедливо го освоија првото место.
Во првата женска дисциплина, 100 метри со пречки, Марија Дувлис со најдобар резултат освои 6 бодови, а веднаш зад неа беше Дијана Вукановиќ со освоени 5 бодови. Во првата група од дисциплината 400 метри, Дијана Вукановиќ го постигна второто најдобро време, 1:04.27 за освоени 5 бодови. На 4х100 метри штафета за жени, АК Куманово за нијанса беше подобар од АК Центар, и со време од 54.09 го освоија првото место и високите 12 бодови. Во категоријата 400 метри со пречки и 200 метри обично, Дијана Вукановиќ освои 6 бодови со резултат 1:13.12 односно 5 бодови за 27.93. На крајот, Мартина Вукановиќ беше втора најуспешна во дисциплината скок во далечина со освоени 6 бода за 4.54 метри остварен резултат.
„Нашите членови успешно одговорија на предизвикот и бевме единствен клуб во кој неколку поединци остварија лични рекорди, што е резултат од непрекинатиот тренажен процес и напорна работа изминативе месеци. Ме радуваат не само освоените први и втори места, туку и солидните резултати во одредени дисциплини. Честитки за личните рекорди на Марија Дувлис, Дијана Вукановиќ и Мартина Вукановиќ,“ изјави Филип Колевски, тренер во АК Куманово.
Од клубот имаат само пофални зборови за Атлетската федерација за организацијата на Младинскиот куп во вакви специфични услови.
Ова беше најважен натпревар за клупско рангирање, но во следниот период има уште неколку случувања каде од клубот очекуваат високи резултати. Минатиот викенд, во Охрид се одржа Атлетски митинг каде АК Куманово освои неколку медали.
(Д. Давитковски)