Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Машкиот ракометен клуб Куманово потпиша четиригодишни договори со играчите од младинската и кадетската група.
Со тоа клубот ќе создаде своја база на играчи кои за неколку години ќе бидат носители на играта и ќе постигнуваат успеси за враќање на ракометот на спортската сцена и во градот и пошироко.
„Стратегијата што ја направивме е за две до три години во првата екипа да играат наши деца. Младите играчи се форсираат, нив ги испративме на подготовки и многу повеќе внимание им посветуваме ним отколку на првотимците. Пионерите можат оваа сезона и да го освојат првото место во лигата“, вели Марјан Милковски, претседател на МРК Куманово.
Тој смета дека со создавање на екипа од локални, домашни играчи ќе можат да се постигнат многу повисоки резултати, нема да зависат од „легија на странци“ како што ги нарекоа и ќе се врати поранешниот сјај на овој спорт во Куманово. Со потпишување на овие договори се штити клубот од губење на играчите, кои би заминале во други градови, но се заштитуваат и младите надежи на кумановскиот ракомет кои не ретко по промена на дресот почесто седат на клупата за резервни играчи.
„По неколку децении клубот застанува на свои нозе и вложува во „наши“ деца. Имаме прекрасна генерација, но треба да ни се даде шанса да ги изведеме децата и да ни се даде слобода во донесување одлуки, да работиме и да го водиме клубот кон успех. Со губење на еден играч тотално се менува играта и тактиката“, велат Миодраг Јовановски Црни и Христијан Димковски, тренери во клубот.
Договорите нема да бидат пречка во иднина за било кој играч, доколку подоцна би сакал да замине во некој реномиран клуб ветуваат одговорните. Само сакаат да обезбедат услови и фер шанса за трасирање на патот кон понатамошен успех на ракометниот клуб на Куманово.