Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градскиот фудбалски клуб Куманово не успеа да влезe во Втората фудбалска лига на Македонија, откако изгуби во бараж натпреварот против Фудбалскиот клуб „Победа“ од Прилеп.
Натпреварот заврши со резултат 2:1, со погодоци постигнати во второто полувреме.
„Не успеавме да оствариме победа. Имавме доминација во првиот дел, не искористивме неколку стопроцентни шанси за гол. Во второто полувреме примивме два гола, брзо намаливме на 2:1, но немавме сили за анулирање на негативата и за пресврт на натпреварот. Сакаме да им честитаме опстанок во Втора лига на младата екипа на ФК Победа Прилеп и да им посакаме успех во наредната сезона“, истакнаа од стручниот штаб на ГФК Куманово.
Во наредните денови се очекува да се одржи состанок, на кој ќе се разгледа досегашната работа на тимот, постигнатите резултати, но и да се направат планови и проекции за во иднина. Дефинитивно постои разочарување од тоа што не успеале да се искачат во повисока лига по се она што го вложиле и сработеле во сезоната 2023/2024. Благодарни се на поддршката на кумановци.
„ Упатуваме голема благодарност до навивачите од Куманово и до најдобрата навивачка група во Македонија „Кумани Запад“ кои ни даваа огромна поддршка и на последниот натпревар, но и во текот на првенството“, изјави Тони Раденковиќ, член на стручниот штаб на ГФК Куманово.
Клубот беше формиран кон крајот на 2022 година со спојување на три приватни клубови и тоа: ФК „Куманово 2012“, ФК „Еуроспорт“ и ФК „Студена Вода“. Општина Куманово веднаш започна со вложување на финансиски средства за инфраструктурните потреби на клубот, за да се врати сјајот на фудбалот во Куманово, по пауза од 23 години, период кога градот немаше активен фудбалски тим.
Во првата година од формирањето вложени се 1,1 милион денари, а за 2024 година се планирани 1,5 милиони денари општински пари за ГФК Куманово. Само за споредба Женскиот фудбалски клуб „Речица“ кој настапува во првата национална лига по програма доби само 600 илјади денари.
Клубовите од кои потекнува ГФК Куманово, „Куманово 2012“ и „Еуроспорт“ веќе година и пол работат само во младинските лиги, но се одличен расадник на таленти и места од каде би се регрутирале идните играчи на локалниот клуб. Од Општинскиот сојуз на спортови за нив се предвидени по 50 илјади денари, за 10 илјади повеќе од минатата година. Дополнително, приватните клубови беа и корисници на спортски ваучери од Агенцијата за млади и спорт за 2023, Еуроспорт на 60 илјади денари, Куманово 2012 – 58 илјади.