Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Државниот првак Вукашин Јовановиќ кој настапува во категоријата-68 кг јуниори од КК „Шампион“ од Крива Паланка, ја освои титулата балкански шампион во екипна конкуренција како дел од македонската јуниорска репрезентација која настапи на Балканското првенство за кадети, јуниори и У21 што се одржа од 17-19 ноември 2023 година во Љубљана, Словенија.
Како повеќекратен државен првак 17-годишниот Вукашин бил дел од одлучувачките борби што ја доведоа македонската машка репрезентација во категоријата јуниори до балканското злато.
„Под раководство на селекторот Берат Јакупи, повеќекратен европски карате шампион, Вукашин ја одигра одлучувачката борба против репрезентацијата на Бугарија со која имавме зедначен резултат и ја одведе Македонија во полуфиналето. Таму се сретнавме со силната екипа на Турција која беше фаворит и е 3-та најдобра светска репрезентација. Повторно одлучувачката борба ја одигра Вукашин, а истото го повтори и во финалето со репрезентацијата на БиХ, со што македонската јуниорска репрезентација стана балкански првак“, велат Жарко Ангеловски и Стевче Христовски, тренери на КК „Шампион“.
Вукашин Јовановиќ е еден од најуспешните кривопаланечки и македонски каратисти кој досега освоил вредни признанија, медали и пехари од државни и меѓународни првенства, а повеќепати е прогласуван и за најдобар натпреварувач на првенствата. На каратето е посветен од свои 4 години, бил повеќекратен државен првак во своите категории. Познат е како карате-кид од Крива Паланка, кој само на 11 години станува балкански вицешампион на првенството во Турција.
Омилениот Вуле за кривопаланчани е пример за посветеност, пожртвуваност и целосно предвањена спортот, во неговиот случај на каратето. Неговиот сон е да донесе титула и од светско првенство во карате.
Кривопаланечкиот карате клуб на Балканското првенство во Љубљана беше застапен со 3 каратисти кои беа дел од македонската репрезентација. Покрај Вукашин, во кадетска конкуренција настапија и Адријан Симоновски и Даријан Николовски.