Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарската репрезентација на Македонија ја има последната шанса да ја сруши лошата традицијата на македонскиот спорт и на Олимписките игри во Лондон нашата држава да биде претставена од многубројна делегација наместо со спортисти кои можат да се пребројат на една рака.
Со натпреварот против Ангола, вечерва во 23 часот по македонско време, репрезентацијата на Македонија во Венецуела ги започнува квалификациите за учество на Олимписките игри во Лондон.
За прв пат во историјата на македонската кошарка, нашата репрезентација ќе одигра натпревар надвор од Европа, а за прв пат ќе се сретне и со не-европска репрезентација. Кошаркарската репрезентација за прв пат во историјата на македонскиот екипен спорт има шанса да избори пласман на Олимписки игри, а првите две пречки на патот до Лондон се противниците групата Д.
На предолимпискиот квалификациски турнир во Венецуела ќе се натпреваруваат 12 репрезентации поделени во четири групи по три, а двете провопласирани од секоја група ќе продолжи во четвртфиналето. Победниците во четвртфиналето ги продолжуваат натпреварите во полуфиналето.
Победниците од полуфиналето се пласираат на Олимписките игри, додека поразените ќе имаат уште шанса преку натпреварот за трето место да се изборат за третиот билет од Каракас за Олимписките игри.
На Олимписките игри во Лондон пласман веќе имаат обезбедено Велика Британија, САД, Аргенина, Бразил, Шпанија, Франција, Тунис, Кина и Австралија, а за последните три места во Венецуела ќе се борат Русија, Македонија, Литванија, Грција, Доминиканска Република, Порторико, Венецуела, Ангола, Нигерија, Јордан, Кореја и Нов Зеланд.
Кошаркарите на Марјан Лазовски се фаворити на хартија во дуелите со Ангола и Нов Зеланд во групата Д и доколку се остварат прогнозите, во четвртфиналето Македонија би се сретнала со второпласираната од групата Ц, репрезентацијата на Доминиканска Република.