Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Петнаесетгодишната Емили Митковска од Куманово е голема надеж на женскиот фудбал во Македонија. Овој „машки спорт“ ја освоил уште од малечки нозе и станал нејзина професионална определба.
Иако ги испробала речиси сите спортови-кошарка, пливање, ракомет, сепак нејзин избор бил фудбалот во кој едноставно се вљубила. Фудбалската кариера Емили ја започнала сосема случајно, играјќи со нејзиниот брат на полјана, чисто од забава, а подоцна почнала сериозно да тренира.
„Јас од малечка играм фудбал, но од мојата 8 година почнав да тренирам. Првин во машки клубови, во „Евро спорт“, потоа во ФК „Куманово“. Но, кога наполнив 14 години, немав право да играм со машки, па се запишав во ФЖК„Речица“, единствениот женски клуб во Куманово“, вели Емили.
Во нејзиното семејство нема спортисти, но отсекогаш и зборувале дека треба да спортува, заради што од најмала била активна на ова поле. Но, кога се одлучила за фудбалот, на почетокот ја немала поддршката од своите најблиски. Сите и велеле дека тоа е груб спорт и дека треба да најде некој „поженски“ спорт.
„Секој ден ме зафркаваа дека треба да одам на балет, да се насочам кон некој друг спорт, дека фудбалот не е за мене, дека е груб спорт, дека е машки, но јас бев упорна и продолжив . Најголема поддршка имав од мојата прабаба и поради нејзината упорност и останатите во семејството почнаа да ме поддржуваат“, се сеќава младата Емили.
Таа тренира секојдневно и напорно, а нејзината посветеност дава резултати. Во својот клуб, иако најмала, е една од најуспешните, а од својата 12 година е член и лидер и на младинската женска репрезентација на Македонија.
„Со голема, напорна и тешка работа го постигнав тоа што го посакував. Голема чест ми е што сум дел од младинската фудбалска репрезентација-жени. Во моментов сме на подготовки и се подготвуваме за идните големи натпревари. Се надеваме на добри резултати и дека нашата репрезентација ќе ја покажеме во најдобро светло“, истакнува младата фудбалерка.
И тренерот на ФЖК „Речица“, Валентин Стоиловиќ, има само пофални зборови за Емили, посочувајќи дека таа е главна македонска ѕвезда на женскиот фудбал.
„Такви деца и такви фудбалерки во женскиот фудбал има многу малку во Македонија. Емили е претставник на новиот бран што доаѓа во државата. Нејзината дарба и талент е надограден со голема волја. Таа од мали нозе тренераше со машки екипи во Куманово, Евроспорт и во Куманово 2012, каде што ги стекна основните искуства и знаења за фудбалската игра. Кога дојде во ФЖК„ Речица“ беше веќе оформена фудбалерка и е еден од адутите во нашата екипа, иако по години е најмала. Во младинската репрезентација на Македонија, пак, е лидер на екипата и главен играч, голгетер, и повеќе или помалку се се врти околу неа“, вели Стоиловиќ.
Со годините Емили се искалила на теренот и сега е пострплива, посмирена и попромислена во однос на провокациите и противничките екипи. Истовремено, стекнатото искуство и помага да се справи и со машките и со женските играчи за кои вели дека се подеднакво борбени и ниту малку „понежни“ од фудбалерите.
„Потешко ми беше со машки. Девојките имаат поголема борбеност, но и многу поголема фер игра на теренот“, вели Емили.
Младата спортистка игра на повеќе позиции, но најчесто е десно крило.
„Мојата работа е да постигнам гол, да направам асистенција и највеќе да помагам на моите соиграчи во одбраната. Да бидеш добро крило потребно е да имаш брзина, техника, прецизност, ориентација во просторот и сето тоа доаѓа со тешка секојдневна работа“, посочува Емили.
Нејзин идол е фудбалерката Наташа Андонова, која игра за репезентација на Македонија, а воедно е и дел од големиот клуб во Шпанија „Леванте“. Својата иднина и Емили ја гледа во некој странски голем клуб, но вели дека секогаш ќе игра замакедонската репрезентација.
„Се гледам себеси во некој голем клуб, во Шпанија, на пример во Барселона“, вели Емили и верува дека овој сон ќе и се оствари.
Тренерот Стоиловиќ потврдува дека на Емили и претстои голема кариера, особено што во државата женскиот фудбал добива се поголема афирмација. Пред 10 години имало само 8 клубови, а денес официјално постојат 20 клуба.
„Емили има талент да биде најдобра во Македонија, тоа е дефинитивно. Сите што ја знаат , еве и во селекциите во Македонија, сите го имаат тоа мислење. Е, сега како ќе се развива потака зависи претежно од неа“, дециден е Стоиловиќ.