×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • 15 минутна тишина на Кумановскиот плоштад за загинатите во пожарот во Кочани (видео)

    19.03.2025 11:21 | Оливера Пешевска

    Стотина граѓани синоќа излегоа на Градскиот плоштад во Куманово за да оддадат почит на загинатите во страотниот пожар во Кочани.

    Најбројни беа средношколците, но граѓани од сите возрасти се приклучија на собирот и покрај студеното време. Со 15 минутно молчење оддадоа почита на загинатите во страотниот пожар.

    Присутните молкум, со насолзени очи палеа свеќи и положија цвеќе, се уште во неверување дека трагедијата однесе 59 млади животи, а над 160 се повредени.  

    „ Тука сме да се сплотиме во оваа тага, затоа што очигледно за ништо друго не сме сплотени. Едноставно тешко е, но кога сме заедно можеби полесно ќе преброди. Во последниве два дена се чувствувам многу лошо, сите се молиме повредените да закрепнат“, кажа студентката Миња Стаменковска.

    Граѓаните мирно прошетаа низ улиците на Куманово, скандирајќи „Правда за Кочани“, и „Доста е корупција“. Поминаа по улиците „Гоце Делчев“, булеварот „Трета МУБ“, „Народна револуција“ и се вратија на до плоштадот, а потоа се упатија кон Судот до кружниот тек кај Пожарната станица и се вратија на плоштадот. 

     „Тука сме да оддадеме почит на загинатите. Ова е многу голема загуба, толку многу изгубени млади животи.  Тука сме да кажеме стоп на сите криминални дејствија кои ги засегаат младите“, изјави Емилија Јакимовска, професор по македонски јазик во „Наце Буѓони“.

    Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 59 млади на возраст од 14-25 години, повредени се вкупно 196 лица од кои 20 се деца, а 80-мина се транспортирани на лекување во странство, а другите на скопските клиники. Меѓу загинатите е и кумановскиот музичар Филип Стевановски.

    15 минутна тишина на Кумановскиот плоштад за загинатите во пожарот во Кочани (видео)