Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе потроши 208,55 милиони денари или 3,4 милиони евра за инфраструктурното уредување на Индустриската зона Речица.
Парите ги обезбеди Владата преку унгарскиот кредит. Тендерот го доби фирмата „КООП Инженеринг“ од Куманово, со најниска цена.
Проектот предвидува изградба на атмосферска канализација, водоводна инсталација, мрежа за фекална канализација, изградба на 10 улици и улично осветлување.
Сообраќајниците предвидуваат и бекатонски пешачки патеки, поставување на 128 сообраќајни знаци и хоризонтална сигнализација.
Предвиденото време за завршување на работите се 210 работни дена, а изведувачот е должен да ги заврши во согласност со техничката документација, воспоставените нормативи и стандарди.
Индустриската зона Речица се протега на површина од 64 хектари, а на располагање има 33 парцели, дел од нив веќе продадени. Тука во моментот се гради дистрибутивниот центар на Лидл, но веќе функционираат индустриски капацитети за преработка на оцет, грчка компанија за преработка на бетонски елементи, фабрика за преработка на масло од медицински употреби. Според маркиците за градба освен фабрики од лесна и незагадувачка индустрија, предвидени се изградба на хотели, големи трговски единици, пречистителна станица и зеленило.
Засега ИЗ Речица има низок степен на уреденост со сообраќајници и атмосферска канализација. Се наоѓа во близина на граничниот премин Табановце, односно на потегот на Коридор 10 кој ги поврзува Белград - Атина.