×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Андреј Доневски е прв претставник од Куманово на Светската олимпијада по природни науки, која ќе се одржи во Тајланд

    02.09.2023 10:40 | Оливера Пешевска

     Петнаесет годишниот Андреј Доневски е прв претставник од Куманово кој обезбеди учество на Светската олимпијада по природни науки,  која ќе се одржи во Тајланд.

    Андреј Доневски  е прв претставник од Куманово на Светската олимпијада по природни науки, која ќе се одржи во Тајланд

    Неговите резултати беа доволно добри за да се најде во 6-члениот тим кој ќе ја претставува Македонија на Олимпијадата што ќе се реализира  од 1 до 10 декември оваa година.

    Во тимот 4 ученици се од Скопје,еден е од Битола и Андреј од Куманово.

    „Јас бев  4-то рангиран на втората квалификација. Не се сомневав во добар резултат. Се натпреваруваме во три предмети - физика, биологија и хемија. Најдобар успех остварив по физика, иако добро ги владеам и останатите два предмети, кои се дел од државниот натпревар и од Олимпијадата“, објаснува Доневски.

    На Олимпијадата во Тајланд ќе учествуваат 60 држави, а секогаш има најмалку 300 натпреварувачи. Ова е првенство за јуниори, тука се сите до 15 годишна возраст и сите се натпреваруваат во иста категорија. Македонија досега има настапувано 6 пати, но нема освоено злато.

    „Македонија има освоено повеќе сребрени и бронзени медали, сега ние целиме кон највисоките - златни. Очекувањата се големи, се надеваме дека ќе имаме успех и дека барем еден од нас ќе освои злато“, истакнува Андреј.

    Натпреварот има олимписки карактер и ова е една од најпрестижните олимпијади за јуниори, рангирана меѓу најдобрите 12 олимпијади за наука во светски рамки, според листата објавена на Министерството за образование и наука. Станува збор за интернационални признаени медали, а доколку се оствари успех на ваквите првенства вратите за младите на престижните светски факултети се отворени за учење и усовршување.

    Во Тајланд натпреварите се одвиваат во три посебни денови, првин се пополнуваат тестовите со заокружување, вториот ден е теоретскиот дел и на крај доаѓа практичниот дел каде се изведуваат експерименти од сите три области. Интересно е што секој тест е на мајчин јазик на натпреварувачите, а професорите од матичната земја ги преведуваат ден претходно.

    „Не разделуваат во посебни одделни хотели уште на пристигнување. Сета електронска опрема и  дигитални уреди се одземаат, па нема можност за протекување на информации или прашања меѓу професорите и децата кои се натпреваруваат“, потенцира нашиот соговорник.

    Водачи на тимот за ова првенство се професори од Природно-математичкиот факултет, најверојатно претседателот на Друштвото на физичари на Македонија, професор д-р Ламбе Барандовски и еден негов асистент. Сега следува период од тримесечна подготовка, секој петок 6-члениот тим ќе оди на осумчасовни предавања и вежби на ПМФ во Скопје.

    Како и обично, кога станува збор за нашите успешни млади кои треба да не претставуваат на реномирани светски наптревари,  болна точка се финасиите. Патот до Тајланд е скап и родителите ќе се обидат преку донации или спонзорства да обезбедат средства. Ќе се обратат и до локалните самоуправи на Куманово и Старо Нагоричане, но и до приватни правни субјекти кои парично би помогнале Андреј да замине на натпреварувањето.

    „Организаторите обезбедуваат сместување, превоз до салата каде се одвива првенството, но авионските билети се на наша сметка. Дополнително, материјалите како микроскопи и други материјални средства, маици-дресови на кои ќе пишува Македонија потребно е ние сами да си ги обезбедиме. И трите друштва - на физичари, на хемичари и на биолози на Македонија  ќе бараат донатори, но и ние секој поединечно. Авионскиот билет само чини од 1000 до 1300 евра“, истакна Горан Доневски, татко на олимпиецот.

    Тој го поставува прашањето зошто не се вложува во млади таленти, зошто државните инстанци не ги спонзорираат. Сами ќе бараат финансиска поддршка, а во краен случај родителите ќе се снаоѓаат како знаат и умеат. Сепак,  апелираат за разбирање и финансиска помош од секој кој е во можност да го подржи националниот тим.

    Андреј Доневски завршил деветто одделение во „Кочо Рацин“ во Куманово, а сега е запишан во Гимназијата „Гоце Делчев“ на природно-математичката А насока. Досега има настапувано на многу натпревари, по скоро сите предмети: математика, физика, биологија, програмирање, македонски јазик и литература, ликовно образование , кошарка, одбојка. Тој е навистина сестрано дете, кое најмногу го привлекуваат природните науки,  и покрај таткото правник, и мајката филолог.

    За да стане дел од тимот ги поминал сите нивоа на натпреварување, првин општински натпревари, па регионални и државен натпревар. Потоа следувал прв селекционен круг,  па втора квалификација. Тие што имаат повеќе од 90 поени на државниот испит се квалификуваат да поминат на првиот селекционен, а годинава имало некаде околу 60 натпреварувачи од 8-мо и 9-то одделение од  сите градови од Македонија. На последниот натпревар имало 20-тина учесници, каде Андреј успеал да обезбеди учество на Олимпијадата и да биде дел од „Тим Македонија“.

    Истовремено, активно тренира и кошарка за МКК Куманово, па е и физички активен спортист, но има и активен социјален живот. Сака крими романи, серии и филмови.

    Сепак, со нетрпение го очекува моментот кога ќе замине на далечниот Тајланд.

    „Организацијата предвидува и екскурзии, еден ден се натпреварите, следниот програмата предвидува прошетка, и така 6 дена. Последните четири дена, по завршување на натпреварите, ни се предвидени за слободни активности.Тогаш ќе видиме како ќе ни помине времето, зависи од професорите-водачи на тимот“, со насмевка вели Андреј Доневски.