Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лошото време ги избрка капачите од двата базени во градот и покрај тоа што е средина на лето.
Наместо високи температури и турканици за разладување, на базените одат само најупорните, главно деца на кои не им сметаат временските услови. Менаџерите на базените признаваат дека времето не им оди во прилог и покрај тоа што тие организираат богата понуда со диџеи и ноќно капење за младите.
Кај нас сезоната е започната одамна и ќе работиме до 8 септември. Кога времето е поубаво посетеноста е поголема, а кога времето е полошо и посетеноста е слаба. Доаѓаат од сите возрасти, од најмалите, родителите, бабите, дедовците. Во вечерните часови доаѓаат претежно млади, сакаат порелаксирана атмосфера. Имаме членска карта за 99 дена, а чини 990 денари, што значи 10 денари дневно. Бројот на посетители е ограничен, а поефтино не може да биде - велат од “Гарден“.
Децата кои ги затекнавме на базенот велат дека по два пати неделно доаѓаат на капење.
Сега кога ќе биде потопло почесто ќе доаѓаме. И на ноќно капење имам доаѓано. Многу е убаво, има музика, забава и запознавам други деца. Доаѓам со другарки, со домашните, некогаш сама - рече Стефанија Велевска.
Кумановци сметаат дека како голем град треба да имаме и голем олимплиски базен.
Не одам на базен бидејќи се многу мали постоечките базени, а има многу гужва и не личи на ништо. Заслужуваме олимписки базен бидејќи засега немаме услови - изјави Никола Богатиновски.
Повозрасните граѓани практикуваат да се капат во реката Пчиња или во бањата Стрновац.
Одам во Шупли Камен, а за базен не дошло ред да отидам иако е подобро. Порано почесто посетував базен. Ни фали еден голем базен во Куманово - додава Јелена Димовска.
За да привлечат повеќе капачи, граѓаните сметаат дека базените треба да понудат подобра услуга.