Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градската библиотека „Тане Георгиевски“ денеска одржа свечена седница за одбележување на јубилејот 70 години постоење.
На свечената седница преку видео материјал беше презентиран развојот на библиотеката од 1945 година досега. Од некогашната скромна библиотека со 1300 книги, денес установата има модерни услови за читателите и скоро 200.000 библиотечни единици.
Имаме секаков вид на литература, периодика, весници и друг библиотечен материјал. Библиотеката како установа започнала да работи со едно одделение и возрасно и детско, се заедно. Постепено се одделува фондот на детскиот оддел и се формира детското одделение, па возрасно одделение. Почнуваат да се обработуваат книгите по сите меѓународни стандарди, и со тоа е направена добра база за денеска да може да се вклучи библиотеката во единствениот библиотечен систем - изјави Нада Ивановска, директорка на “Тане Георгиевски“.
На седницата се обрати и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски кој кажа дека Ивановска 26 години успешно ја менаџира библиотеката.
Имаме една современа, модерна библиотека која во последниве неколку години направи неколку проекти, информатичка читална, уредени простории, читална за помалите возрасти, голем број на книги. Оваа установа во изминативе десет години под водство на локалната самоуправа покажа еден успешен период на работење. Директорката Ивановска за неколку месеци го завршува мандатот и ќе оди во пензија. Локалната самоуправа изрази благодарност за успешното менаџирање - кажа градоначалникот.
Тој се надева дека и понатаму библиотеката ќе продолжи по патот кој веќе е трасиран.