Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Уметничката галерија во Велинград, Бугарија утре ќе биде отворена биеналната изложба „Скици 2022“, проект на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Изложбата се организира како резултат на добрата соработка помеѓу двете институции како дел од програмата на јубилејното 50-то издание на Велинградските денови на култура.
Се работи за осмото издание на биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“ која премиерно беше поставена во декември 2022 во фоајето на Центарот за култура во Куманово.
„Последниве 5-6 години Куманово е расадник на млади, талентирани, креативни уметници. Оваа изложба сега ја промовираме и во други градови, еве и пошироко во регионот затоа што навистина и публиката надвор од државата заслужува да ја види“, изјави директорот Сашо Тодоровски.
Вкупно 27 дела изложуваат 14 ликовни уметници од Куманово: Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили-Дали, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Ана Јовановска, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и Симона Димковиќ.
Проектот „Скици 2022“ се организира со поддршка на Министерството за култура. Замислен е како биенален, досега е реализиран осум пати, а за цел има цртежот како ликовна дисциплина да биде актуелизиран и промовиран пред пошироката публика и ликовната критика.
Конципиран е така да дава можност за вклучување на повеќе категории на ликовни уметници (сликари,графичари, скулптори) како и слободата во изборот на техниката и темата понуди разновидни инвентивни цртачки решенија базирани пред сè на индивидуални афинитети и изразни можности.
Изложбата ќе биде отворена наредните две недели.