Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советот на Општина Куманово доцна синоќа го изгласа буџетот за наредната 2025 година, вреден 2.991.022.424 денари или 48 милиони евра.
Основниот буџет е 1.402.411.427 денари, од самофинасирачки активности се 76. 735.984 денари, дотации од централната власт 1.483.468.354 денари, а донации 28.406.659 денари.
„Вкупниот буџет на Општина Куманово за 2025 година изнесува 2.991.022.424 денари и е за 5 отсто зголемен во однос на ребалансираниот буџет или 15 отсто во однос на минатогодишниот буџет. Во рамки на овој буџет во износ од 1.420.411.425 денари се наоѓаат 14 програми и тоа: програма на Совет, на градоначалник, на општинска администрација, урбанизам, локален економски развој, комунални дејности, програма за култура, спорт и рекреација, за социјална заштита и заштита на деца, образование, противпожарна заштита, заштита на животна средина, родова еднаквост и заштита и спасување“, кажа Виолета Димитриевска, овластена раководителка во Секторот за финансии, која го образложи буџетот пред советниците.
Развојниот буџет за 2025 изнесува 416.558.791 денари. Капитални инвестиции ќе се реализираат во индустриската зона во Речица – изградба на комплетна инфраструктура во вредност од 210 милиони денари, парите се обезбедени од Владата, изградба на кружен тек на раскрсницата на Октомвриска револуција и Доне Божинов во вредност од 236 милиони денари, продолжување на булеварот Октомврска револуција од улицата Братство Единство во висина од 27 милиони денари, гасификација, изградба и асфалтирање на улици и други поситни проекти.
За буџетот не гласаа советниците на коалицијата на СДСМ, кои сметаат дека овој буџет не е развоен, бидејќи во него нема ниту еден нов проeкт во интерес на граѓаните.
„Како опозиција, во претходните три години ги гласавме буџетите затоа што сакавме да се довршат проекти кои беа започнати и да има континуитет во развојот на Општината. Но, оваа година нема ништо ново што ќе ја подобри инфраструктурата во Општината и ќе им пружи поквалитетни услови за живот на граѓаните, туку во програмите се ставени само проекти кои се влечат со години и никако да се довршат. Ни оваа година нема проекти за изградба на градинка, катна гаража, атмосферска канализација на Октомвриска револуција, водоводна мрежа во приградските населби и селата, кои ги ветуваше градоначалникот во изборната програма. Друго, во создавањето на овој буџет не беше вклучена јавноста, а и ние како советници го добивме многу доцна и немавме време да се запознаеме што точно содржи, и затоа не го гласавме“, кажа Александар Јовановски, координатор на коалицијата на СДСМ.
Коалцијата поднесе пет амандамни за инфраструктурни проекти и субвенции на услуги за граѓаните кои не беа прифатени од мнозинството.