Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За 55 проценти се зголемува цената за приклучок на гасоводната мрежа на ЈП „Куманово гас“.
Досега цената за приклучок била 49.200 денари, а сега ќе чини 76.875 денари. Непопуларната мерка ја оправдуваат со зголемување на цените на делови за приклучок, а пресметките се направени по прибраната тендерска документација.
Директорот на ЈП „Куманово гас“ апелираше до Советот да се изнајдат средства зголемувањето од 55 % да ги субвенционира на некој начин, со што граѓаните не би ја почувствувале ова голема разлика во цената.
Од советничка група на СДСМ беа против предлогот.
„Не може ударот, товарот на сите економски удари и неповолности да го претрпат граѓаните, а ние потоа да размислуваме како ќе им надоместиме. Затоа ви предлагам да ја повлечете ова точка, за подоцна дојдете поподготвени со пресметки и анализа како да биде поисплатливо. Сметам дека ваков, огромен скок од повеќе од 50 посто е навистина неприфатливо. Јас, а верувам и колегите од советничката група нема да прифатиме ваков трошок на граѓаните, кои после можеби ќе им надоместиме, што е под знак прашалник. И тоа во ерата кога постојано говориме дека сме пионери во гасификацијата, како еколошки пооправдано гориво, а сега и онака малкуте заинтересирани граѓани на ваков начин да ги демотивираме и нема да сакаат да се приклучат“, истакна Атина Мургашанска на предлогот на директорот.
Директорот Марко Митровски потсети дека минатата година со владините и општински субвенции на нов приклучок го дуплирале бројот на приватни корисници. Ова година 30 проценти од трошоците за нов приклучок субвенционира само локалната власт, а има многу помал број на заинтересирани. Проблем е недоволната развиеностост на гасоводната мрежа, потребни се најмалку 10 години и вложувања од 20 милиони евра за да се направат оптималните 350 километри мрежа.
„За тековната година општината одделува 5 милиони денари, или 80 илјади евра, што е сосема недоволно. За среќа, ЈП „Куманово гас“ успеа да влезе во владината програма за помош при изградба на капитални објекти, и веќе влегуваме во процесот за распишување на тендер, а доделената вредност е некаде околу 10 милиони денари и повеќе од 2 километри мрежа“, објасни директорот Митровски.
За претпријатието тој потсети дека може да ја „храни“ општината и да ги задоволува нејзините потреби, затоа што ниту една компанија од светот од енергетскиот сектор не е загубар.
Со 18 гласа за и 11 против, предлогот на ЈП „Куманово гас“ беше усвоен.