Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над сто семејства од Куманово и Старо Нагоричане веќе 4 месеци се без бесплатен оброк, откако престана да работи народната кујна, за која средства одвојуваше Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Од Центарот за социјални работи Куманово велат дека на 14 октомври завршил договорот со фирмата која ги подготвувала оброците, затоа што не биле обезбедени средства за до крајот на годината. Дали ќе има пари за оваа година не е познато.
„Испратен е допис до надлежните во министерството за одобрување на финасиски средства со кои би бил продолжен проектот, но засега се уште нема одговор“, информираат од Центар за социјални работи Куманово.
Во народната кујна се обезбедувале 252 оброци дневно, за 95 семејства од Куманово и 19 од Старо Нагоричане. Во меѓувреме дел од корисниците оствариле право на дневен оброк во народната кујна која ја финансира Општина Куманово.
„Делиме 120 оброка дневно, и не сме во можност во целост да ги прифатиме лицата кои ја користеа мерката преку ЦСР Куманово. Правилата велат дека ако некој три пати последователно не го подигне оброкот го губи правото на користење, со што автоматски се повикува следниот корисник. Реално има потреба од народна кујна и тоа со поголем обем од моменталниот, затоа се надевам дека повторно ќе проработи она на министерството, така имаме и поделба на грижата на социјално загрозените и поголем опфат на луѓето во потреба“, истакнува Александар Крстевски, раководител на Сектор за социјална заштита.
Народната кујна на Центарот за социјални работи функционира во континуитет од 2008 година, немало прекин ниту за време на пандемијата.