Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) ќе го води Младинскиот центар во Општина Куманово во наредните пет години,одлучи комисија во Општина Куманово. Тие биле единствените пријавени на јавниот повик за избор на младинска организација која ќе раководи со Младинскиот центар, кој Општината го распиша минатиот месец.
„Само ЦИД, односно Мулти култи ги исполнуваат условите и законските прописи. Веќе имаат искуство со младински активизам и организирање на содржини привлечни за младите. Дополнително само координаторите кои поседуваат лиценца и се регистрирани во Агенцијата за млади и спорт на Македонија можат да аплицираат и да работат со тинејџери и млади лица“, изјави Мартин Крстиќ, службеник за млади во Општина Куманово.
За спроведување на активностите согласно програмата, Општина Куманово има обврска да му исплати 3 милиони денари за 5 години или 600 илјади денари годишно. Младинскиот центар се обврзува да организира низа настани кои вклучуваат млади од сите етнички и верски групи.
„Ние веќе организиравме тематски работилници поврзани со социјалниот и општествениот живот, посебно со темите кои ги интересираат и директно ги засегаат младите. Тука се и бројни еко акции, отворени денови исполнети со друштвени игри на напреварувања во пинг понг, музички и филмски вечери на кои посетителите понекогаш само се релаксираат, понекогаш дискутираат за уметноста или актуелните теми кое некое дело го отовора и уште многу други активности“, изјави Ивана Стојчевска, лиценциран координатор на „Мулти Култи“ Куманово.
За две години ова е вторпат ЦИД да потпише договор за соработка со Општината. Минатата година бил склучен договор, кој требало да трае години, меѓутоа бил поништен поради технички проблеми при исплатата. Распишан е нов повик за наредните 5 години и ЦИД пак е избран.