Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЈП „Чистота и зеленило“ заедно со навивачката група „Кумани“ денеска направија заедничка акција кај Трговскиот центар во населба Гоце Делчев.
Вработени на јавното претпријатие чистеа, собираа смет, а навивачите цртаа графити со пораки и симболи на Куманово.
Даваме придонес во одржување и разубавување на овој дел. Во наредните денови до празникот комплетно улицата ќе ја средиме хортикултурно, ќе ја уредиме и да биде подготвена за пуштање по повод 11 Номеври. Како што претходно кажав во моите јавни обраќања, ЈП „Чистота и зеленило“ во сабота нема да има акции, туку тоа ќе ни биде редовен работен ангажман. Соработуваме со сите кои сакаат Куманово да биде почисто и поубаво - вели Сашо Петрушевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Градоначалникот Зоран Дамјановски рече дека разубавувањето на овој дел од градот се прави на иницијатива на „Кумани“ кои со својот гест се вклучуваат во нешто што е општо корисна работа.
Се наоѓаме пред еден прекрасен плоштад кој пред 20 години беше место за собир на млади луѓе во овој дел од градот кој е многу концентрирано населен. Акцијата е за чистење на зелените површини и апликација на симболи на „Кумани“. Овие мурали ги прават младите кои се уметнички образовани, а некои имаат уметничка душа. Даваме придонес во естетско уредување, а ЈП „Чистота и зеленило“ дава логистика преку своите машини - изјави Дамјановски.
Тој вели дека населбата Гоце Делчев ќе биде пример за урбаното живеење и во иднина ќе ги поддржуваат ваквите иницијативи кои се за општо добро.
Графити цртаа 30 - тина навивачи и исто толку млади кои не се дел од „Кумани“.