Цивил ги охрабри кумановци слободно да гласаат
Центарот за слобода Цивил попладнево во Куманово организираше јавен настан „Сите за слободни избори“, со кој ги охрабри кумановци слободно да гласаат.

Беше емитуван видео материјал кој открива факти за невработеноста и сиромаштијата во земјава, кои не се експонирани многу во јавноста. Од Цивил рекоа дека со работа граѓаните се уценувани да гласаат за партијата на власт и дека манипулациите со гласачи се прават пред да дојде денот за избори.
Ако вие работите треба да ви се каже благодарам и да бидете пристојно платени за својата работа, а не да бидете благодарни на некоја партија затоа што работите. Едноставно тоа мора да престане еднаш засекогаш. Наша порака исто така е дека конечно законот, Уставот и сите демократски правила и стандарди мора да заживеат кога се подготвуваат изборите. Изборите не смеат да бидат манипулација и мора да бидат празник на демократијата. Не кажуваме ништо ново, само гласно кажуваме дека треба да има слободни избори - изјави Џабир Дерала од Цивил.
Дерала кажа дека граѓаните можат кај нив да ги пријават неправилностите поврзани со изборите, а ќе формираат и мрежа на неформални набљудувачи. Продолжуваат активностите низ градовите во Македонија, за да граѓаните се запознаат со своите гласачки права и да не дозволат нивно кршење.