Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, за спортската сала во Куманово набавил семафор во вредност од 10 милиони денари, за споредба во просек еден семафор во НБА лигата чини 20 илјади американски долари или околу 1,1 милиони денари, велат од партијата Левица.
„Целиот предмет на набавката е „За Спортска сала: браварија, надворешни скали, осветлување, партерно уредување, набавка и на семафор висечки четворостран мултифункционален и друго“, договорот е склучен на 21.05.2024, во вредност од 69.885.289,88 денари или милион и 145 илјади евра, од кои 10 милиони денари се само за семафорот. Па следствено се прашуваме, како граѓани од чии даноци се трошат тие пари, дали воопшто постои некој разумен во владејачката гарнитура кој може да оправда вакви разлики во стандардната цена на семафор во НБА и на семафор во спортската сала во Куманово“, прашуваат од Левица.
Од партијата додаваат дека тие како кумановци посебно се револтирани затоа што спортска сала била изградена за една година, а сега не може да да се реконструира неколку години.
„Салата почнала да се гради во 1979 година, а во 1980 била завршена, следната 1981 година ја добила Големата награда на Биеналето на македонската архитектура (БИМАС), за сега спортот во Куманово да е пред умирање затоа што сегашните власти веќе со години не се способни да ја санираат“, стои во соопштението.
Левица го повикува Обвинителството да ја провери јавната набавка, а Мицковски ако бара вистински криминал лесно ќе го најде во Општина Куманово.