Мени

Ќе се постават дополнителни камери и физичко обезбедување за заштита на „Краста“ од пожари

13.10.2026 14:47 | Сузана Николиќ

Зајакнување на видеонадзорот и зголемување на физичкото обезбедување на депонијата „Краста“ се дел од мерките што треба да ги преземе ЈП „Чистота и зеленило“ за подобра контрола и заштита на депонијата од пожари.

Ќе се постават дополнителни камери и физичко обезбедување за заштита на „Краста“ од пожари

Заклучоците беа донесени на последната седница на Кризниот штаб на Општина Куманово, а јавното претпријатие треба да ги спроведе во најкус можен рок.

„Да се постават дополнителен број камери за видеонадзор на депонијата, кои ќе ги покриваат влезот, излезот и пристапот до депонијата „Краста“, бидејќи веќе поставените камери се недоволни. Да се постават термовизиски камери, преку кои ќе се врши дополнителен мониторинг на депонијата. Дополнително, да се зајакнат стражарските служби и физичкото обезбедување на депонијата, за да се спречи влез на неовластени лица. Да се санираат оштетените делови од заштитната ограда околу депонијата, а на местата каде што нема ограда да се постави нова“, се наведува во дел од заклучоците на Кризниот штаб.

Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, вели дека во најскоро време ќе почнат со поставување видеонадзор, осветлување и преземање на сите други неопходни мерки за поголема заштита на депонијата. Во моментов, се  изнесува сметот од градот и приградските населби, а истовремено, се работи и на довршување на покривањето на депонијата со земја.

ЈП „Чистота и зеленило“ има обврска, во соработка со локалното население, да формира мониторинг-група, односно еко-патрола, составена од претставници на месните заедници и невладини организации. Еко-патролата, во соработка со претставници на јавното претпријатие, ќе врши неделен мониторинг на состојбата на депонијата „Краста“.

Исто така, предвидено е да се изврши дезинфекција на сите локации каде што се собира смет, според планот и препораките на Центарот за јавно здравје Куманово.

Депонијата „Краста“ беше блокирана од жителите на Пчиња и Студена Бара поради пожарот што гореше шест месеци, предизвикувајќи загадување и уништување на животната средина.