Една година откако падна потпорниот ѕид на улицата „Тодор Велков“, никој не го поправа
Потпорниот ѕид на улицата „Тодор Велков“, во дворот на Центарот за вработување Куманово, кој падна пред 14 месец уште не е поправен.

Постои опасност да се урне и она што останало од него, а ја загрозува безбедноста на минувачите, паркираните автомобили и сендвичарата.
„Очекувавме уште минатата година да се поправи ѕидот, но до сега немаме најава, ниту навестување кога би можело да се започне со работа. Освен што е грда глетка, опасноста се зголемува секој ден, затоа што притисокот на преостанатиот дел е значително зголемен“, истакнува Марија Димитријевска, раководителка на Центарот за вработување Куманово.
Уште минатата година е доставено барање до ЈП „Куманово- план“ за изработка на техничка документација, но таа не изработена поради технички проблеми.
„На таа локација имотно- правните односи се заплеткани, ѕидот е во сопственост на МТСП, односно Центар за вработување Куманово. За издавање на градежна дозвола е потребно да се приложи имотен лист на сопственикот. Затоа доставеното барање за изработка на планска документација на Општина Куманово е отфрлено како неосновано“, Иван Николовски, технички директор на Куманово-план.
Причина за обрушувањето на ѕидот и оградата на улицата „Тодор Велков“ е притисокот што го трпеле по поставувањето на бекатон плочките на тротоарот. Тие служела како потпорен ѕид, иако не биле изведени градежни работи за негово зацврстување.
Покрај распаднатиот ѕид и превртената метална ограда, секојдневно поминуваат деца од Основното училиште „11 Октомври“.