Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со расчистување на сметот и подготовка на теренот започнаа подготовките за „Графити фест“, кој викендов ќе се одржи во стамбениот блок на „Октомвриска револуција“ бр. 28А, на гаражите спроти драгсторот на „Елида“.
Акцијата ја организира од фестивалот на улична уметност „Форма“ од Куманово, членови на месната заедница „Панче Пешев“, а сметот го чистеа осудени лица од Затвор К’шање. Акцијата ќе трае цела недела.
„Ги замолуваме соседите и вработените во околните објекти да ги отстраната своите автомобили, и да не паркираат во наредните неколку денови за да го завршиме планираното – косење на трева, собирање отпадоци, санација и подготовка на ѕидот на гаражите. Во сабота овој крак ќе биде затворен за сообраќај, тука ќе бидат поставени штандови, барови, тезги, а секако потребен е слободен простор и за уметниците“, истакна Бобан Кипријановски, член на МЗ „Панче Пешев“ и учесник во акцијата.
За деновите од викендот, 18 и 19 мај е закажано шестото издание на „Графити фест“, во организација на Здружението за ликовна уметност „Форма“ од Куманово. Замислен е како дружење на публиката со уметниците кои создаваат улични цртежи, графити и мурали.
„Графити фест“ е единствена манифестација во Македонија, која неколку години наназад дава нов лик на урбаниот простор во Куманово и ги оплеменува запуштените места, отсликувајќи ја душата на уличната уметност и креативноста на младите. Во Куманово нивните мурали красат повеќе станбени блокови, училишта и јавни објекти.